Детско-младинските театри се здружија во Националниот центар АСИТЕЖ Македонија

Заедничка фотографија на членовите на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ

Националната установа Театар за деца и младинци Скопје и приватниот театар „Бабец“ од Битола, со заеднички идејни цели по две децении напори го формираа Националниот центар АСИТЕЖ Македонија, преку кој од оваа година македонскиот детско-младински театар и официјално ќе биде легитимен дел од големото светско семејство АСИТЕЖ Интернационал.

АСИТЕЖ Интернационал е светска водечка организација од областа на детско-младинската театарска продукција, промовирана и иницирана од Обединетите нации, кога за првпат се донесува Повелбата за правата на децата во која се вели дека „секое дете има право на достоинствен живот“.

– Организацијата е важен сегмент за нашата детско-младинска театарска продукција, затоа што преку неа ќе можеме да бидеме видливи не само регионално, туку и во светски рамки. Можностите за соработки, работилници, семинари, фестивали се само дел од придобивките што во иднина ќе ги има детско-младинската продукција на нашата земја, а особено значајни ќе бидат видливоста и валидноста низ светот на нашите квалитетни дела – истакнува Јулијана Мирческа, претседателка на АСИТЕЖ Македонија.

Во соработка со АСИТЕЖ Македонија годинава во Битола, од 3 до 7 август, се одржа 12. Интернационален детски театрски фестивал „Битолино“ во организација на театарот „Бабец“, а во најава е и соработката со 2. Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во организација на Театарот за деца и младинци, закажан за терминот од 27 до 30 септември во Скопје.

Управниот одбор на АСИТЕЖ Македонија, во кој членуваат Драгана Милошевска – Попов, Васко Мавровски, Игор Ивковиќ и Миодраг Неќак, на состанокот одржан во рамките на фестивалот „Битолино“, донесоа одлука за иницирање Национален фестивал на детски театри – со натпреварувачки карактер, што би се одржувал секоја година во некој од центрите од внатрешноста, потоа работилници наменети за наши актери, режисери, театарски работници и низа други активности што ќе имаат за цел уште повеќе да ја популаризираат оваа уметност.

Сите театарски уметници, индивидуалци, здруженија и друг вид театарски компании кои творат во областа на детско-младинската театарска продукција можат да се приклучат на организацијата АСИТЕЖ Македонија со цел со заеднички сили, транспарентно и квалитетно да се претстави домашната детска театарска сцена во светот.

Сите идни членови во организацијата ќе бидат вклучени во Надзорното тело на организацијата, во кое сега членуваат Катарина Илиевска Силјановска, Марија Ѓорѓијовска и Благој Мицевски, известија од Здружението на граѓани АСИТЕЖ Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот