Дерби на теренот и дерби на трибините: Е. Пелистер го шокира Вардар во Скопје и дојде до пол позиција за титулата

Двете најдобри македонски ракометни екипи ќе се борат за нов трофеј/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Големото македонско ракометно дерби помеѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер  заврши со триумф на „пелистерци од 23:24  по што битката за титулата ќе се решава во Битола на 1 мај.

Со победата, Е. Пелистер изби на првото место на табелата во Суперлигата  со десет бода, два повеќе од Вардар и одлучувачкиот натпревар за титулата ќе го игра на домашен терен.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Пресметката на двете најдобри екипи ги оправда очекувањата, имаше надмудрување на теренот и на клупите помеѓу двајцата тренери Давид Дејвис и Жељко Бабиќ, му припадна на Хрватот, а возбудливо беше и на трибините каде по обидот за физичка пресметка помеѓу „Комитите“ и „Чкембарите“ и двете навивачки групи продолжија да ги бодрат своите екипи до последниот свиреж на судиите.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Воведните минути вообичаено поминаа во испитување на силите и по десет минути игра беа постигнати само осум гола, по четири на двете страни.

Со влегувањето на гостинските навивачи на трибините, започнаа и инцидентите. Веднаш дојде до обид за пресметка меѓу „Комитите“ и „Чкембарите“ по што натпреварот беше прекинат на неколку секунди. „Војната“ на трибините како да ги разбуди играчите на теренот и Вардар прв поведе со два гола предност (9:7). Но, битолчани успеаја да се вратат во игра и првиот дел да го завршат со еден гол предност (11:12).

 

Второто полувреме започна со гол на Моралес кој го израмни резултатот на 12:12 и во наредниот период се играше гол за гол се до 35. минута кога Е. Пелистер дојде до два гола предност (13:15). Вардарци продолжија да ја бркаат предноста на битолчани кои со мирна игра и одличниот Мартон Секељи сепак го контролираа резултатот и во 45. минута за прв пат поведоа со три гола предност (16:19).

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Моралес во следниот напад намали на 17:19, а по грешката на битолчани, Вардар во 49. минута имаше шанса да дојде до минус еден, но Секељи го одбрани шутот од пенал на Дибиров. Битолчани повторно ја вратија предноста од три гола и во последните осум минути од натпреварот влегоа со водство од 18:21, но Моралес намали веднаш намали на 19:21.

Вардар - Пелистер
Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Граџан повторно погоди за нова предност на Пелистер од три гола по што Давид Дејвис беше приморан да побара тајм-аут. Мандалиниќ ја искористи предноста од играч повеќе по исклучувањето на капитенот на Вардар, Стоилов и на својот тим за прв пат на својот тим му донесе предност од четири (19:23) во 54. минута и ја најави победата на Е. Пелистер, но вардарци не се предаваа.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Дибиров со два брзи гола намали на 22:24 во 57. минута. По одбраната на Томовски, Тото ја погоди празната мрежа на битолчани и во последните две минути од средбата Вардар влезе со минус еден гол  (23:24).

Кога беше најпотребно, Томовски се разбрани и му овозможи на Вардар да го има последниот напад на натпреварот.  Но, шутот на Додик заврши во стативата што значеше победа за Е. Пелистер од 23:24.

Во редовите на Пелистер, Табоада постигна 6 гола, Мандалиниќ даде пет гола, а Мараш четири.  Кај Вардар најдобар Тимур Дибиров со 6 гола, Јоел Куни Моралес со 5 гола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот