Депонијата кај „Борис Трајковски“ ги задуши карпошани, ниту се направи парк, ниту се исчисти како што треба

По големиот пожар во 2019 година тогашниот градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов најави дека по расчистувањето на просторот на оваа локација ќе се подигне парк на површина од над 90.000 квадратни метри, но тоа досега не се случи, а по чистењето на депонијата не се најде начин просторот да се сочува чист.

После тони потрошена вода за гаснење пожари кои избувнуваат на депонијата кај салата „Борис Трајковски“, после многу планови, ветувања и чистења таа и понатаму си опстојува и сега за сега се чини за неа нема конечно и трајно решение. Депонијата на која недозволено со децении се фрлало шут и кабаст отпад, се чистеше, па дури и рампи се ставаа, но сепак несовесни граѓани наоѓаат начин да се „протнат“ со камиони или колички и да истураат шут.

Станува збор за голем простор, кој според надлежните тешко е да се контролира со физичко присуство, ниту пак може комплетно да се огради. Во меѓувреме, граѓаните кои живеат во близина на депонијата, всушност сите од населбите Карпош од 1 до 4, се принудени да живеат во чад и смрдеа кои се шират поради честите палежи на депонијата, а немаат веќе кому да се пожалат, затоа што сите нивни досегашни реакции останале без резултат.

Живеам во Карпош 3, каде веќе цела недела се пали ѓубре во текот на денот и ноќта. Во лето не е многу актуелна темата за загадувањето, но оваа нелегална депонија во среде населено место, поточно веднаш позади спортскиот центар „Борис Трајковски“ ни е добро позната и очигледно активна и во зима и во лето. Се разбира пријавувано е во полиција безброј пати и се разбира никој не мрда со прст а ние продолжуваме секојдневно да го дишеме црниот чад низ цел Карпош (можеби и пошироко) па дури и внатре во домот – вели граѓанин кој реагираше во „Слободен печат“, затоа што како што тврди веќе не знае кому да се обрати за овој проблем.

Во изминативе три години, секоја година има по неколку големи пожари на оваа локација. Во април 2019 пожарникарите со часови се бореа да го изгаснат огнот на депонијата, кој избувна на неколку места истовремено. Во 2020 во септември неколкупати гореше и се гаснеше депонијата, а смрдеше и чадеше со денови. Пред десетина дена, пожарникарите повторно се бореа со оган во ѓубриштето. И притоа, освен сомнежи за потпалувања, ниту е фатен некој од потпалувачите, ниту пак некој од оние кои недозволено истураат шут на овој простор.

По големиот пожар во 2019 година Општина Карпош и Град Скопје почнаа да ја чистат дивата депонија, а тогашниот градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов најави дека по расчистувањето на просторот на оваа локација ќе се подигне парк.

Оваа дива депонија претставува повеќедецениски горлив проблем. Почнала да се формира со одлагање на урнатините по катастрофалниот земјотрес во Скопје уште во 1963 година. Сега, заедно со Општина Карпош конечно најдовме решение за овој проблем и со тоа почнуваме со реализацијата на уште едно од нашите предизборни ветувања. Денеска го почнуваме чистењето на оваа депонија, после што ќе следува покривање на површината. На ова место ќе подигнеме парк на површина од над 90.000 квадратни метри (над девет хектари) кој ќе го наречеме Градски парк 2 – рече тогаш Шилегов.

Најавениот парк не се случи, а по чистењето на депонијата не се најде начин просторот да се сочува чист.

Последниот пожар што се случи пред десетина дена повторно ја потсети јавноста и надлежните дека на два километри од центарот на градот постои голема депонија, која со децении ја загадува околината. Од Општина Карпош велат дека во петокот повторно со багери и камиони се расчистувал теренот за да се спречат нови пожари.

Општина Карпош уште пред извесен период на критичните места постави столпчиња и рампа со цел да се спречи пристап на камиони кои истураа шут, а при тоа реализиравме и повеќе акции за расчистување на сметот. Сепак, несовесни граѓани наоѓаат начин како да стигнат до местото и повторно да го полнат со ѓубре, особено во вечерните часови, а за жал не постои начин херметички да се затвори просторот – објаснуват од Општината.

Оттаму велат дека најголем дел од тој простор е приватно земјиште кое треба да се уреди согласно Генералниот урбанистички план.
Но, освен чистење никој не презема ништо друго. Во општина Ѓорче Петров парк се направи на местото на поранешната депонија кај Ново Село. Би било убаво не само за карпошани, туку и за цело Скопје и на просторот во близина на СРЦ „Борис Трајковски“ наместо ѓубре да се насадат дрвја, да се направи парк како што се ветуваше. Тогаш повеќе не би имало потреба ниту од огради, ниту од посочување виновници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот