Депониите го гушат тетовско, општината со повеќе опомени отколку казни за тие кои ги создаваат

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Депонии покрај реки, на планини, долж патиштата се најчестите глетки кога поминувате низ тетовскиот регион. Од нив страда целото население особено изминатиов летен период каде често на купуштата отпад избувнуваа пожари, а регионот беше покриен со густ црн чад.

Од Територијалната противпожарна единица Тетово, велат дека најчесто интервенирале на отворено. Гореле депонии и стрништа кои луѓето како што велат и сами ги палат.

„Оваа година имавме премногу интервенции. Досега имаме 640 интервенциии, а лани за цела година имавме 660 интервенции. Голем број интервенции имавме на депонии како во Волковија и Добарце, а исто така се појавуваат и пожари во шумските предели и на ниви каде се палат стрништа. Голем проблем е што во летниот период луѓето ги чистат нивите претежно од разна вегетација,но исто така и од отпад кој го собираат на едно место и за да се ослободат од него го палат. Тоа е опасно, не може сето тоа да се контролира, како што беше случајот во Општина Теарце каде интервениравме десетина дена, а условите за да се интервенира на нива се многу тешки, таму ретко има пристап за да влезат противпожарните камиони“, вели Авни Амети командир на ТППЕ Тетово.

Полицијата и инспекцијата мора да бидат повеќе на терен дополнува Авни оти на ваквите депонии е тешко да се интервенира, ако се земе предвид и фактот дека тие се лоцирани и во руралните општини, кои се оддалечени од Тетово и над 20 километри.

„Полицијата и инспекторатот треба да биде се повеќе на терен да ги контролира и санкционира тие кои ги палат и создаваат дивите депонии. На дневна основа имавме по десетина интервенции на пожари на отворено. Не можеме да постигнеме оти голема територија покриваме, имаме на пример пожар во Општина Теарце и пожар во Општина Брвеница.Ние работиме напорно за ТППЕ Тетово да биде бригада, односно да имаме наши единици на три до четири места низ тетовскиот регион, за да може на многу побрз начин да се интервенира. Сега сме 79 вработени,а уште толку ни треба за да го покриеме овој регион, а законски на 1500 жители потребен е еден пожарникар. Ние сме подготвени со опрема, но сепак таа е стара опрема и треба институциите да размислат за нова опрема, ако сакаме да имаме поголема ефикасност“, вели Авни Амети командир на ТППЕ Тетово.

Од Општина Тетово велат дека се вршат редовни и вонредни инспекциски надзори, но повеќе се опомени отколку што се казнува.

„Изминатиов период од страна на инспектори за животна средина извршени се редовни и вонредни инспекциски надзори. Лоцирани се повеќе депонии и известено е ЈКП Тетово согласно нивниот план за работа да ги исчисти овиде депонии за да не избувнуваат пожари. Знаеме дека изминатиов период имавме повеќе пожари на депонии. За изминативе три месеци изречени се 25 решенија со опомени и два платни налози за несоодветно депонирање на отпад“, вели Милена Вучевска портпарол на Општина Тетово.

Инаку Центарот за управување со кризи информираше дека вчера имало 20 пожари на отворен простор каде гореле стрништа, пасишта, отпадоци, нискостеблеста мешана, но и борова шума како и неколку депонии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот