Денот на вљубените: Кој беше Валентин, светецот на романтичната љубов?

Романтична картичка за св. Валентин / Фото: Pexels

На 14 февруари, кога споделуваме чоколади, специјални вечери или картички со љубовни пораки со нашите најблиски, тоа го правиме во името на свети Валентин. Во време на интернетот и социјалните мрежи на кои почесто одбирате да се изразувате со стикери, емотикони или гифови наместо со убаво срочени реченици, да се потсетиме кој бил свети Валентин, според кој е наречен Денот на вљубените.

Постојат многу митови зад инспирацијата за Денот на вљубените.

Според енциклопедијата „Британика“, св. Валентин (починал во 3 век, Рим; празник 14 февруари) е име на еден или двајца легендарни христијански маченици чии животи се чини дека се историски засновани. Иако Римокатоличката црква продолжува да го признава св. Валентин како светец на црквата, тој бил отстранет од Општиот римски календар во 1969 година поради недостаток на веродостојни информации за него. Тој е светец-заштитник на љубовниците, епилептичарите и пчеларите.

Свети Валентин (1470/1480), од непознат автор / Фото: akg-images / akg-images / Profimedia

Според некои извештаи, св. Валентин бил римски свештеник и лекар кој маченички пострадал за време на прогонството на христијаните од страна на императорот Клавдиј II Готик околу 270 година. Тој бил погребан на Виа Фламинија, а папата Јулиј I, наводно, изградил базилика над неговиот гроб. Други наративи го идентификуваат како епископ од Терни, Италија, кој бил маченик, очигледно исто така во Рим, и чии мошти подоцна биле однесени во Терни. Можно е ова се различни верзии на истата оригинална приказна и се однесуваат само на едно лице.

Според легендата, св. Валентин потпишал писмо „од вашиот Валентин“ до ќерката на неговиот затворски чувар, со која се спријателил и ја излечил од слепило. Друга вообичаена легенда вели дека тој се спротивставил на наредбите на царот и тајно венчавал двојки за да ги поштеди сопрузите од војна.

Денот на вљубените како фестивал на вљубените датира барем од 14 век.

За жал, за секој што се надева на уредна, романтична приказна за празникот, научниците кои го проучувале неговото потекло велат дека има многу мала основа за овие извештаи. Всушност, Денот на вљубените стана поврзан со љубов дури во доцниот среден век, благодарение на англискиот поет Џефри Чосер.

Повеќекратни маченици св. Валентин

Валентин било популарно име во антички Рим и има најмалку 50 приказни за различни светци со тоа име. Но, истражувачите велат дека најраните преживеани списи за двата Валентина од 14 февруари, напишани почнувајќи од 500-тите, имаат многу заедничко. За двајцата се вели дека исцелиле дете додека биле во затвор, што довело до религиозно преобраќање на целото домаќинство, и тие биле погубени во истиот ден од годината и закопани покрај истиот пат.

Свети Валентин / Фото: akg-images / akg-images / Profimedia

Историските докази се толку скудни што не е јасно дали приказната започнала со еден светец кој потоа станал двајца или дали биографите на еден човек позајмиле детали од другиот – или дали некој воопшто некогаш постоел.

Можеби поразочарувачки за романтичарите меѓу нас, раните извештаи за двајцата вљубени се типични маченички приказни, нагласувајќи ги чудата на светците и ужасните смртни случаи – но не содржат ниту збор за романса.

Дали празникот Луперкалија е заменет со Денот на вљубените?

Денот на св. Валентин, исто така, е поврзан со христијанскиот напор да се замени постариот празник Луперкалија, кој Римјаните го прославувале на 15 февруари. Празникот бил посветен на Јуно Фебруата, божицата на страсната љубов и ја прославувал плодноста и почетокот на пролетта. Некои модерни приказни ја прикажуваат Луперкалија како особено еротски празник, кога жените ги пишувале своите имиња на глинени плочи кои мажите тогаш ги ваделе од сад, и така се спарувале случајни парови.

Празникот Луперкалија / Фото: akg-images / akg-images / Profimedia

Сепак, најблиската паралела помеѓу Луперкалија и модерните традиции за Денот на вљубените се чини дека е тоа што на римскиот фестивал учествувале двајца речиси голи млади момчиња кои ги удирале сите околу нив со парчиња козја кожа (лат. februa). Според античкиот писател Плутарх, некои млади мажени жени верувале дека удирањето со кожата придонесува за зачнување и лесно породување.

Песната на Чосер ја поврзува романсата со вљубените

Па, како Чосер го создал Денот на вљубените што го знаеме денес? Во 1370-тите или 1380-тите, тој напишал песна наречена „Собир на птиците“ која го содржи овој стих : „Зашто ова беше на Денот на св. Валентин, кога секоја птица доаѓа таму да си го избере својот партнер“.

Ова беше момент кога во Европа преовладувале романтични идеи. Чосер и другите писатели од неговото време ја прославувале романсата меѓу витез и благородна дама која никогаш не можела да се омажи – честопати затоа што веќе била мажена – создавајќи тропи (н.з. изрази со пренесено значење) на копнеж и трагични пречки кои сè уште ги водат нашите романтични комедии денес.

Биста посветена на англискиот писател Џефри Чосер во уметничката галерија Гилдхол во Лондон, Верлика Британија / Фото: EPA-EFE/NEIL HALL

До 1400-тите, благородниците инспирирани од Чосер почнаа да пишуваат песни познати како „Валентини“ за нивните љубовни интереси. Дури во овој момент почнале да се појавуваат приказни кои го поврзуваат св. Валентин со романтиката.

Затоа, драги наши витези и дами од 21 век, обидете се на 14 февруари да ја изразите својата љубов со убав збор, наместо со баналните стикери и емотикони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот