Денот кога падна Берлинскиот ѕид

Падот на Берлинскиот ѕид/ Фото Peter Kneffel / AFP / Profimedia

На денешен ден пред 33 години беше урнат Берлинскиот ѕид.

На 9-ти ноември 1989 година, не само што исчезнала границата меѓу двете Германии, на тој ден исчезнала границата што ја делела Европа. Тој процес не започнал во Германија – туку во Полска, Унгарија и пред се СССР, пишува Дојче веле.

Железната завеса што ги делела Истокот и Западот, комунизмот и капитализмот, можела да се „почувствува и види“ со рака. Неговото олицетворение не било направено од железо, како што го нарекол Черчил уште во 1946 година, туку од бетон. Тоа бил Берлинскиот ѕид.

Социјалистичка Источна Германија почнала да го гради тој ѕид во 1961 година.

Ѕидот, караулите и бодликавата жица се протегале на 155 километри околу тогашните „окупациски зони“ на западните сили на САД, Велика Британија и Франција во Берлин. Апсурдот, се разбира, бил што граѓаните на Западен Берлин биле опкружени со ѕид, иако сепак биле слободни.  На нив им било дозволено да патуваат каде сакаат – за разлика од оние во Источен Берлин.

За сите Источни Германци, тие на неколку десетици метри од „зоната на смртта“ биле недостапни за Западот – до вечерта на 9-ти ноември 1989 година. Тогашната влада на Германската Демократска Република (ГДР) – како официјално име на Источна Германија таа вечер одржала конференција за новинарите на која по долги демонстрации низ државата бил објавен новиот закон за патување на граѓаните. Според него, требало да им биде дозволено да на луѓето од Источна Германија  да патуваат на Запад.

Прес-конференцијата не била ни завршена, а илјадници источногерманци веќе се упатиле кон добро чуваната граница на Западот. Тензијата траела неколку часа додека граничарите не добиле потврда за новите прописи. Тогаш границата паднала – и не постоела сила која повторно би ја подигнала.

Сцените од толпата која славела во Берлин, кој наеднаш стана еден град, го обиколија светот. Едвај една година подоцна, на 3-ти октомври 1990 година, покраините од поранешната Источна Германија се приклучиле на Сојузна Република Германија. Ова било можно само затоа што формално сè уште победничките сили од Втората светска војна решиле повторно да ја обединат Германија. За западните сојузници, САД, Велика Британија и Франција, тоа не бил толку голем чекор како промената на политиката на тогашниот СССР.

Берлинскиот ѕид/ Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

„Гласност“ и „перестројка“ за обединување на Европа

Четири години претходно, во Москва се случил огромен пресврт. На чело на СССР дошол младиот и амбициозен Михаил Горбачов. Директорот на Меморијалот на Берлинскиот ѕид, Аксел Клаусмајер, исто така истакнал дека само реформите што ги вовел Горбачов во неговата земја, публицитетот и перестројката (промената) довеле до промена на политиката на Кремљ кон комунистички држави на Европа. Пред Горбачов, поентата била јасна: „слободата“ зад железната завеса значела само слепа послушност кон Кремљ.

Доколку се преминела граница – како во работничкиот бунт во ГДР во 1953 година, востанието во Унгарија во 1956 година или желбата за промени во Чехословачка во 1968 година – советските тенкови веднаш би се упатиле кон тие места. Одеднаш од Горбачов се чуло нешто сосема друго: „Без разлика што се случуваше во братските социјалистички земји, тие земји се одговорни сами за себе“, резимира Клаусмајер.

Ѕидот ги делел двата дела на земјата 10.315 дена. На граѓаните на ГДР веднаш им било дозволено да преминат од Источен во Западен Берлин, меѓутоа, граничната служба го ограничил влезот на западногерманските граѓани во Источен Берлин до 23-ти ноември. Официјалното обединување на Германија се случил на 3-ти октомври 1990 година.

Берлинскиот ѕид/ Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Тенковите останале во касарната

Тогашниот лидер на Источна Германија, Ерих Хонекер, не сакал ни да слушне за реформи и промени – иако и тогаш илјадници граѓани на ГДР редовно протестирале и барале поголема слобода.

Од септември 1989 година, илјадници граѓани секој понеделник излегувале на улиците на Лајпциг барајќи промени. Полицијата првично се обидела да ги спречи демонстрантите, но брзо се откажала во залуден обид – демонстрациите биле премоќни. Најголем број на демонстранти бил забележан на 9 октомври, кога се собрале речиси 70.000 луѓе.

Тие скандирале „Ние сме народот“ и „Без насилство“ – затоа што не се знаело што ќе се случи. Сите знаеле дека во тогашната ГДР сè уште имала илјадници советски војници, елитни единици кои требале да бидат првите што ќе се борат против НАТО во случај на војна.

Неколку дена подоцна, врвот на ГДР сфатил дека мора да им понуди барем нешто на граѓаните. Водачот, Ерих Хонекер, сè уште не сакал ништо да слушне – и не постоел друг избор освен тој да биде сменет. Неговиот наследник, Егон Кренц, им ветил на демонстрантите дека е подготвен за разговори.

Најголемите протести во историјата на земјата се одржале на 4-ти ноември: половина милион луѓе се собрале на плоштадот Александарплац во Берлин за да ги поздрават претставниците на опозицијата кои им се обратиле. Додека пак владините претставници биле пречекани со свирежи.

Берлинскиот ѕид/ Фото FRANÇOISE CHAPTAL / AFP / PROFIMEDIA

На крајот, целата промена во ГДР се случила без ниту еден испукан куршум.

Ѕидот бил и персонификација на Студената војна, така што уривањето на Берлинскиот ѕид го означил почетокот на ослободувањето од комунистичката идеологија и нејзините структури.

60 години од градењето на Берлинскиот ѕид

Оригиналниот текст е објавен на 09.11.2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот