Денеска е голем празник и за прв пат во текот на Божикниот пост, се јаде риба

Празникот Воведение на Пресвета Богородица (21 ноември / 04 декември) започнал да се слави подоцна, а тоа може да се види од спомениците, кадешто тој се спомнува дури во VIII век. Така, наведен е во Синајското празнично Евангелие напишано со златни букви, кое на Синајскиот манастир му го подарил царот Теодосиј III (715 – 717), и во кое се наоѓаат Евангелијата на 12 – те Големи празници и на уште 11 денови од годината.

Понатаму, овој празник се спомнува и во повеќе грчки месецослови од IX век – период кога овој празник почнува да се слави насекаде. Но иако се спомнува во месецословите, тој го нема обележјето на голем празник, туку само на обичен спомен. Така на пример, во Синајскиот канонар од IX – X век празникот Воведение нема прокимени, ниту паримии, туку е означен единствено со зборовите: „Спомен на Пресвета Богородица, кога таа беше донесена во храмот Божји на три години“. Во Типикот на Цариградската Црква, пак, за овој ден нема никаква служба, а само зборовите: „Собор на Пресвета Богородица, кога таа на три години беше предадена во храмот Божји од страна на своите родители“. Целосното празнично богослужение, кое е слично на денешното, го имаме дури во Евергетидскиот Типик од XI век. Во указот на царот Манојло Комнен од XII век, празникот се споменува меѓу деновите кога не се суди.

Интересен е податокот дека на Запад овој празник започнал да се слави во XIV век, според сведочењето на пратеникот на Кипарскиот крал Лусигнан, кој на папата Гргур XI му раскажал дека на Исток Воведение се слави многу свечено, а притоа му ја предал и службата на празникот.

Воведение има еден ден предпразненство и три дена попразненство. Типикот пропишува на овој ден, за прв пат во текот на Божикниот пост, да се јаде риба.

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Јерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Јерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и Ангелите Божји. Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи. Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите ја кренаа Девата на првото скалило, а таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, каде што ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на свети Јован Претеча. Кога првосвештеникот ја зеде за рака, ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на Светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архијерејот. Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „вон себе и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години. Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за во вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот. Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот