Денес ја празнуваме Светата маченичка Татјана

Светата маченичка Татјана

Римјанка, од угледни родители. Христијанка и ѓакониса на Црквата. По смртта на царот Хелиогабал, во Рим царуваше царот Александар, чија мајка Мамеја беше христијанка. Самиот цар беше колеблив и неодлучен во верата; заради ова во дворецот држеше статуа на Христос и статуа на Аполон, на Авраам и на Орфеј. Неговите доглавници ги гонеа христијаните и без царска наредба. Кога ја изведоа девицата Татјана на мачење, таа Му се молеше на Бога за своите мачители. И ете, ним им се отворија очите и видоа околу маченичката четири ангели. Кога го видоа тоа, осуммина од нив поверуваа во Христа, заради што и самите беа мачени и убиени. Светата Татјана продолжија да ја мачат: ја биеја, ѝ отсекуваа месо, ја стружеа со железо и целата накажана и ранета ја фрлија вечерта во затворот за утредента повторно да ја стават на маки. Но, Бог ги испрати Своите ангели во затворот за да ја охрабрат и да ѝ ги исцелат раните, па Татјана изутрината се јави пред мачителите наполно здрава. Ја фрлија пред лав, но лавот се умилкуваше околу неа и воопшто не ѝ наштети. Ѝ ја отсекоа косата, мислејќи според нивниот незнабожечки ум, дека во косата ѝ е скриена некоја магија или волшебна сила. Најпосле ја изведоа заедно со татко ѝ и обајцата ги убија со меч. Така во 225 година го заврши животот оваа славна девица со тело на жена, а со мажествен дух.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот