Дебели казни за трговците ако нема ред во цените

Гарантирани цени во маркети / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Законот за забрана на нефер трговски практики кој минатата недела го усвои Собранието се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите, но и да запре нелојалната конкуренција во трговијата, пишува порталот ММС.

Оваа законска регулатива треба да ги спречи манипулациите со цените во синџирот на снабдување и препродавање на производите со оглед на тоа што инспекциските контроли на терен со години бележат неправилности.

Законот за забрана на нефер трговски практики предвидува до 15 март секоја година, Комисијата за заштита на конкуренцијата до Европската комисија да доставува извештај за нефер трговски практики во деловните односи на купувачите и добавувачите во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Казните за оние прекршителите на овој нов закон се движат и до 20.000 евра.

Во членот 23 е предвидена глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра за мал трговец, од 6.000 до 12.000 евра ќе плати среден трговец и глоба во износ од 10.000 до 20.000 евра за голем трговец. Овие казни ќе бидат изречени ако фирмата (правното лице) која во својство на купувач спрема нејзините добавувачи употребува значителна преговарачка моќ со наметнување нефер трговски практики.

Од Министерството за економија велат дека новиот закон предвидува и листа на земјоделски и прехранбени производи каде рабатот ќе биде ограничен на 10 проценти и во тие рамки ќе конкурираат меѓу себе ланците на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените.

-Законот е системско решение кое сме го немале, а го немале и никаде во Европа. Ова е ново решение според ЕУ-директивите и мислам дека конечно ќе го означи правиот пат кој сите го бараме, а тоа е патот кон европската интеграција. Ваквите решенија укажуваат што е доброто на нашето интегрирање во ЕУ“, смета вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Законот ќе почне да се спроведува наесен, а за контрола и надзор е задолжена Комисијата за заштита на конкуренцијата. Контролата ќе почне да функционира после шест месеци период кој е даден за да се направат подготовки за непречено спроведување на законот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот