Сталаг со цигари, излог на тутунски производи, кутии со цигари
Фото: Слободен печат.

Дали новиот закон против пушење ќе ѝ го полни стомакот на црната економија?

Во постојните пазарни услови, еден од најголемите предизвици е нелегалната трговија, која се проценува на 13–14 отсто од вкупната потрошувачка. Во таков контекст, дополнителни ограничувања во легалните канали на продажба можат да го забрзаат пренасочувањето на потрошувачите кон алтернативни канали.

Расправата за Нацрт-законот за заштита на населението од пушење природно и оправдано го става фокусот на јавното здравје. Построги правила за пушење во затворени простории и посилна заштита на младите се цели кои тешко можат да се доведат во прашање. Меѓутоа, токму поради сериозноста на намерата, законот мора да биде не само строго напишан, туку и применлив, пропорционален и заснован на реална проценка на последиците.

Дел од предложените одредби делуваат тешко применливи во пракса и несразмерно рестриктивни, со потенцијално директно негативно влијание врз легалните комерцијални активности. Кога мерките се поставени така што е тешко да се контролираат и доследно да се спроведуваат, ризикот е да не се постигне посакуваниот јавно-здравствен ефект, а истовремено да се отвори простор за раст на нелегалната трговија.

Трговците ќе платат од џеб за преуредување на продавниците

Една од мерките што предизвикува посебно внимание е забраната за малопродажно изложување (RDB). Во пракса, таквите мерки можат да бидат сложени и скапи за трговците: од преуредување на просторот и дополнителна опрема, до нови процедури и ризик од прекршоци поради нејасни детали во спроведувањето.

Истовремено, без јасни докази дека таквата мерка сама по себе го намалува пристапот на младите, се поставува прашањето дали се добива реален јавно-здравствен ефект или само се зголемува притисокот врз легалните трговци. Дополнителните ограничувања можат особено да ги погодат малите бизниси, вклучително киосци и мали продавници, и да создадат притисок врз околу 4.800 малопродажни објекти.

Во таква средина, нелегалниот пазар добива структурна предност: не сноси трошоци за усогласување, не плаќа даноци и акцизи, не подлежи на инспекциски контроли и може агресивно да пласира стока со непознато потекло и без стандарди. Последицата е двојна штета — легалните трговци се казнуваат со повисоки трошоци и ризик од прекршоци, додека, пак, сивата економија дополнително се поттикнува.

Дополнително, предложената мерка воведува ограничувања построги од бројни решенија во ЕУ и оди над рамката на европската директива. Бидејќи повеќето земји членки на Европската унија немаат забрана за изложување производи, се поставува прашањето зошто ваквата мерка е неопходна и пропорционална во македонскиот контекст и каков ќе биде нејзиниот мерлив ефект во однос на ризикот од раст на нелегалната продажба.

Ако не може од продавница, зошто не на црно?

Во постојните пазарни услови, еден од најголемите предизвици е нелегалната трговија, која се проценува на 13–14 отсто од вкупната потрошувачка. Во таков контекст, дополнителни ограничувања во легалните канали на продажба можат да го забрзаат пренасочувањето на потрошувачите кон алтернативни канали.

Тоа носи повеќе проблеми истовремено: неконтролирана продажба (вклучително и продажба без соодветна проверка на возраста), производи со непроверен квалитет и потекло, отсуство на плаќање акцизи и даноци, како и раст на прекуграничното снабдување надвор од надзор.

Таквиот исход не е само пазарно прашање — тоа е директен удар врз јавните финансии.

Буџетските приходи не смеат да бидат „слепа точка“

Секое пренасочување на потрошувачката од легалниот во нелегалниот тек автоматски значи помалку акцизи, помалку ДДВ и помали царински приходи. Затоа рестрикциите мора да бидат проследени со јасен одговор: како државата ќе спречи потрошувачката да „оди“ таму каде што нема даноци и контрола?

Дополнително, забраната за малопродажба во „HoReCa“ каналот (хотели, кафулиња и казина) може да има особено видлив фискален ефект. Проценките говорат за потенцијален минус од околу 6 милиони евра годишно преку акцизи, ДДВ и царински давачки. Кога се укинува легален продажен канал, побарувачката не исчезнува нужно — честопати се пренасочува.

Што губи државата кога милијарди се во игра?

Фискалниот придонес на тутунскиот сектор е значаен: во последните пет години преку акцизи се обезбедени повеќе од 1,125 милијарди евра приходи; во последната година се остварени околу 330 милиони евра преку ДДВ, како и над 200 милиони евра поврзани со откуп на тутун.

Поради тоа, секоја промена на правилата мора да биде проследена со анализа: дали мерката ги намалува или ги зголемува ризиците за буџетот, легалниот пазар и поврзаните работни места?

Доколку се разгледуваат ограничувања кои се построги од бројни решенија во Европската Унија и кои одат над важечките европски директиви, таквите мерки мора да бидат засновани на јасна проценка на нивните реални последици.

Тоа подразбира дефинирана и кредибилна стратегија за спречување на пренасочување на потрошувачката кон нелегалниот пазар, сеопфатна проценка на влијанието врз погодените сектори — вклучително трговијата, HoReCa каналот, логистиката и земјоделството — како и анализа на буџетските импликации и фискалните ризици. Истовремено, неопходно е да се обезбедат механизми за контрола кои се реални, применливи и изводливи во пракса.

Во спротивно, постои сериозен ризик да се усвојат мерки кои се формално рестриктивни, но кои во реалноста дополнително ја поттикнуваат сивата економија, со што истовремено се загрозуваат и јавно-здравствените и фискалните цели. Одржлив исход може да обезбеди само закон кој е пропорционален, применлив и ефективен, донесен преку конструктивен дијалог и врз основа на релевантни податоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот