Дали фестивалот „Егзит“ се сели од Нови Сад?

Еден од најпрепознатливите српски културни брендови, нов дом би можел да најде во Хрватска или во Црна Гора. Покрај нив, се споменуваат и неколку други светски држави, кои се заинтересирани да го имаат овој култен фестивал во својата туристичка понуда.

Нови Сад и Србија можат да останат без фестивалот „Егзит“ поради финансиски проблеми и отпуштање вработени. Според информациите споделени на хрватски медиуми, фестивалот можно е да се одржи во Умаг, Хрватска. Одговорните за фестивалот велат дека тие би сакале тој да остане во Србија, но тоа не зависи само од нив. Како можни држави за одржување на фестивалот, се споменуваат уште Црна Гора и некои арапски држави.

Тоа значи дека Истра идната година ќе биде домаќин за Дејвид Гета, Соломун, Ника Кравиц, Пол ван Дајк и на други светски ѕвезди чии настапи се најавени за Егзит во 2021 година“, пишуваат хрватските медиуми.

Од друга страна, како што пишуваат српските медиуми, ако дојде до преселба на фестивалот од Петроварадинската тврдина, најизвесна локација е Црна Гора, бидејќи голем број обожаватели на „Егзит“ од Србија преферираат да патуваат во таа држава.

Причина за можното преселување се финансиски проблеми и фактот дека Србија не направила план со кој може да им помогне на одредени земјоделски гранки, па поради тоа се кратат средства наменети за проекти од културата и туризмот, меѓу кои е и „Егзит“.

Според написите, финансиската загуба на фестивалот годинава е околу еден милион евра, поради што до крајот на годината морале да отпуштат стотина вработени што работат преку цела година, односно неколку илјади луѓе кои работат во тек на фестивалот. Дополнителен удар е зададен кога државниот „Телеком“ се откажал од спонзорирање на фестивалот, на само седум дена пред одржување на видеопроекцијата која „Егзит“ ја организирал заедно со „Светската програма за храна“ на ОН.

– Познат е фактот дека во текот на годините добивавме многу понуди „Егзит“ да се пресели од Нови Сад и Србија во друга држава, бидејќи секоја земја во светот сака во својата туристичка понуда да го има еден од најголемите светски фестивали, кој секоја година носи десетици милиони евра за локалниот туризам. Таквите понуди досега категорички ги одбивавме, бидејќи сакаме да останеме и да го развиваме фестивалот во нашиот град и држава. За жал, тоа не зависи само од нас – изјавуваат од организацискиот тим на „Егзит“.

Фестивалот во 20-годишното постоење дојде до моментот да биде најголем извозник на креативни индустрии во Србија, со оглед на тоа дека тие организираат фестивали во Србија, Црна Гора („Си денс“), Хрватска („Си стар“), Романија („Револушн“). Поради тоа преселбата на фестивалот во Хрватска или во Црна Гора, ако им се понудат подобри услови, може да биде очекувано, со оглед дека во тие држави веќе имаат свои тимови, но истовремено тоа ќе значи дека Србија ќе остане без фестивалот кој ја промовира во светот.

Глобалната пандемија со коронавирусот ги спречи организаторите на познатиот фестивал оваа година да одбележат 20 години од организирањето на „нултиот Егзит“, па прославата е преместена за следната година во јули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот