Дадо Топиќ на „Охрид фест“ ќе одбележи 60 години кариера: Во Македонија луѓето ме застануваат и се заблагодаруваат за песната „Македонија“
Легендарниот музичар Дадо Топиќ изрази желба наградата и одбележувањето на големиот јубилеј – 60 години професионална работа, да се случи токму на „Охрид фест“. Ова е поради големата љубов што тој ја чувствува кон нашата земја, поради приемот кај публиката, убавите спомени од минатогодишното издание на „Охрид фест“ и, секако, поради почитта кон Григор Копров.
Препорачано

Неговата желба е безусловно прифатена од фестивалот, бидејќи почитта е заемна, па така на Интернационалната вечер на „Охрид фест“, на 31 август, повторно ќе го видиме и чуеме Дадо Топиќ.
– Сосема спонтано посакав овој мој јубилеј да го прославам токму на „Охрид фест“. Во Македонија се чувствувам величествено, луѓето ме застануваат на секој чекор, на аеродром, на улица, во ресторан, сите се заблагодаруваат за песната „Македонија“, велат: „Дадо ни подари најубава песна, тоа е нашата химна“, а тоа се зборови што не можат да се заборават. Инаку, минатата година песната наполни 50 години и „Македонија“ ја имам постојано на репертоар – раскажува Дадо.
– Луѓето ме прашуваат за значењето на песната. „Тамо где вечно сунце сја, тамо је Македонија“ е посветена на сонцето, го имате на знамето, имате многу сончеви денови во годината, богата историја, мирен, музикален и срдечен народ, а таа песна, наградена на ланскиот „Охрид фест“, ја доби плакетата што ја краси мојата работна соба… Мојата љубов кон Македонија потекнува од најраната младост – продолжува Дадо. „Мајка ми беше многу музикална и кога се чистеше пченката по далматинските села, таа пееше македонски песни, јас слушав, регистрирав и полека си потпевнував во себе.“
– Инаку, мојот менаџер Илија Јовановиќ има одлична соработка со „Охрид фест“, пријатели сме со Григор Копров, неуморен директор и идеен творец на фестивалот што наголемо го реализира 31-вото издание. Ве очекува изненадување за фестивалот, нека остане тајна уште некој ден…

Дадо вели дека со нетрпение чека повторно да дојде во Охрид.
– И за крај, со нетрпение чекам да дојдеме во Охрид, би сакал за време на гостувањето да ги посетиме Билјанини Извори и така да го прославиме мојот јубилеј, кој ќе биде одбележен со низа концерти низ поголеми градови во регионот. Во меѓувреме, ја очекуваме биографијата, монографијата и збирка песни што ги напишав. Се гледаме на „Охрид фест“ – порача Дадо Топиќ.


