Д-р Мехмедовиќ: Маските да се менуваат често поради опасност од развивање бактерии

Да се преиспита одлуката второто полугодие да започне со физичко присуство на први февруари, е взаемен став на докторите Злате Мехмедовиќ и Никола Пановски, училишниот психолог Ана Попризова и Драги Змијанац од Меѓаши.

– Сѐ уште има време Владата да ја преиспита одлуката за почеток на второто полугодие. Една од опциите е да почне на први февруари но со он лајн настава,  а од 15 февруари наставата да продолжи со физичко присуство. Комисијата за заразни болести предложи наставата да продолжи на 20 февруари, но тој предлог беше одбиен, рече д-р Пановски.

Носењето заштитни маски останува задолжително, наспроти барањето на голем број родители да се овозможи следење на наставата без маски. За доктор Злате Мехмедовиќ, маските не претставуваат никаква опасност по здравјето на децата, освен во случај кога една маска се носи повеќе часови.

– Проблем се јавува од повеќечасовно носење на една иста маска, бидејќи маската се  навлажнува и во неа се размножуваат бактерии. Но  ако за време на престојот во училиште маската се промени неколку пати, нема да има никаков негативен ефект врз здравјето на децата. Не постои никаков доказ дека носењето маска го намалува имунитетот, а од друга страна спречува ширење и на останати вирози, вели д-р Мехмедовиќ.

Во однос на психичкото здравје на децата, психологот Ана Попризова вели дека е забележан зголемен страв и анксиозност кај децата, но верува дека тоа не е поради маските.

– Ги следам коментарите на социјалните мрежи и запозната сум  со барањата на голем број родители да не се носат заштитни маски на училиште, а како причина се наведува и нарушувањето на психичкото здравје на децата, но уверувам дека зголемената анксиозност не е поради носењето заштитни маски, туку поради самата пандемија и стравот дека можеби дома ќе пренесат болест, уверува Попризова.

Децата не се преносители на вирусот, туку родителите, кои шетаат по кафани а потоа дома го носат вирусот. Потоа истото дете во училиште заразува уште десетина други деца. Затоа е важно да се носат маските, вели д-р Бесник Зеќири, кој нагласува дека резултатот од новогодишните забави е 30 хоспитализирани деца во болницата за белодробни заболувања Козле, наспроти пет деца кои беа таму хоспитализирани пред да почне новогодишното олабавување.

– Власта дозволува да се оди во кафана, да има детски претстави во трговски центри, летово дозволи слободен влез на делта сојот во земјава и организирање свадби после кои нагло се зголеми бројот на заразени и мртви,  а со тоа дозволи и катастрофа. Според тоа ја повикувам Владата уште еднаш да ги преиспита одлуките кои ги носи, вели д-р Пановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот