Проф. д-р Сашко Јовев/Фото: Слободен печат

Д-р Јовев за понудата од министерот Меџити: Моето место е на Кардиохирургија

Разрешениот директор на Клиниката за кардиохирургија, професор доктор Сашко Јовев, во врска со понудата на министерот за здравство Фатмир Меџити, кој денеска упати повик до него да биде негов национален советник за кадриохирургија, откако вчера токму тој го разреши, како што тврдеше, поради неработење и нерегуларности, рече дека „тоа е голема чест, но неговото место е на Клиниката за кардиохирургија“.

Д-р Јовев, кој неделава беше разрешен од позицијата директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, вели дека министерот нему лично не му се обратил во врска со денешната понуда, но потенцира дека себеси се гледа на Клиниката, заедно со неговиот тим, со кој ќе постигнуваат уште поголеми успеси.

„Сметам дека моето место е на Клиниката за кардиохирургија, да го водам својот тим и заеднички да постигнуваме уште многу успеси“, рече Јовев, кој денешната изјава ја даде во присуство на проф. д-р Горан Димитровски, претседател на Македонското лекарско друштво.

Јовев рече дека ќе продолжи со борбата, затоа што е сигурен дека министерот ќе ја поправи оваа грешка.

Димитровски, пак, во името на Друштвото го изрази незадоволството од одлуката на Министерството за разрешувањето на д-р Јовев.

-Разрешувањето на професор д-р Сашко Јовев од место директор на Кардиохирургија деновиве ја бранува јавноста и лекарската фела пред се од причина што образложението на МЗ за оваа постапка сметаме дека е неиздражано и небулозно. За лекар, кој прв пат во Македонија направил трансплантација на срце и досега заедно со својот тим, кој тој го формирал и на светски стручно ниво вршел и други трансплатации на срце, како и интервенции со кои се спасени многу животи од други заболувања на срце кај пациенти, оваа одлука навистина е неразибрлива. Македонското лекарско друштво е против ваквата одкука на МЗ за разрешување на Јовев и изјавата на минстерот за здравство дека не му требаат директори кои шест месеци не дале резултати е неоснована, рече Димитровски.

Тој додаде дека оваа одлука е лоша порака за младите лекари, бидејќи се разрешува некој кој постигнува резултати на национално и на интернационално ниво.

-Сметаме дека одлуката на Министерството за разрешување на професорот Јовев сепак ќе се повлече и дека ваквите врвни, стручни лекари македонското здравство и институциите на системот ќе знаат да ги зачуваат, почитуваат и наградуваат наместо да ги казнуваат, рече Димитровски.

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Д-р Јовев: Не сум му лут на министерот- сметам дека ова е недоразбирање кое ќе се исправи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот