Царовска: За три пати зголемена социјална помош за корисниците

Фото: Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика /Д. Митрески

Со социјалната реформа ја зголемивме социјалната помош за три пати, но и платите на социјалните работници за 26 отсто, порача министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во денешното обраќање на настанот во рамки на ЦЕЕПУС мрежата за социјална работа и социјална политика „Регионална недела” кој од вчера до 29 ноември се одржува на Филозофскиот факултет во Скопје.

Министерката пред експерти од областа на социјалната заштита од земјава и странство ја презентираше социјалната реформа и соработката со Институтот за социјална работа и социјална политика во подготовката на законските регулативи.

-Мора да истакнам дека околу 70 отсто од препораките што ги добивме од институтот ги вметнавме во законските решенија. Сега имаме во просек за три пати зголемена социјална помош за корисниците и социјални пакети со коишто ја намалуваме сиромаштијата, но и 26 отсто зголемени плати на социјалните работници коишто ја имплементираат реформата. Дел од овие работници работат со лица со тешки попречености и немаа покачување на платите повеќе од 15 години и работеа за минимална плата. Ваквата состојба сега е променета, рече Царовска.

Таа истакна дека во тек е спроведувањето на втората фаза од социјалната реформа- развој на социјалните услуги на локално ниво кои ќе се имплементираат преку општините за што на располагање се 10 милиони евра.

На настанот се обрати и преставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција Ди Џовани, која зборуваше за улогата и придонесот на УНИЦЕФ во земјите од Западен Балкан.

Целта на Регионалната недела е да се истакнат искуствата и потребата од регионалните вмрежувања заради здружување на најдобри практики и договорање стандарди во социјалната политика и социјална заштита кои ќе бидат договорени и прифатени од истражувачите, практичарите и политичарите во интерес на одржливост и унапредување на системите на социјална заштита.

На настанот учествуваат осум професори од регионот, сите професори од Институтот за социјална работа и социјална политика, како и студенти на докторски и магистерски студии од регионот и при Институтот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот