Чичко (Рашковски) пушти летки! – Слободен печат
Ви ПрепорачувамеКолумни

Чичко (Рашковски) пушти летки!

Вкупната математика во овој, за нас, „бесплатен“ летачки бизнис-план сè уште не ми е сосема разбирлива. Но, јасно е дека начинот на кој Владата, со (непотребно?) криење на целосни информации го комуницира проектот со јавноста, го води кон нова, слатка, предизборна политичко-корупциска афера, којашто во јавноста само ќе расте, како што расте тестото кога се пече гибаница.

Неколкупати ги читам и препрочитувам извештаите од „хеликоптерската“ прес-конференција на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, и никако не успевам да сфатам каква е бизнис-логиката на јавно-приватното партнерство меѓу македонската држава и приватната шведска компанија за летање хеликоптери, која во наредните осум години, без денар трошок за нас, би требало да ги сервисира македонските спасувачко-медицински летачки интервенции… Таа компанија, во првите шест месеци, се обврзува да инвестира девет милиони евра во овој проект, во што спаѓа купување на два нови наменски хеликоптери, а потоа осум години и да ја финансира целата операција – а нас таквиот првокласен спасителско-медицински интервентен сервис би нѐ чинел нула (и со цифра: 0) денари?!

Во животот научив дека бесплатните услуги, потоа, излегуваат најскапи, како што во политиката нема ручек за беспари. Па, во недостаток на проверени, официјални информации, почнав да вртам некои телефони…

Ако сум добро информиран од „летачки“ кругови, шведските инвеститори во нивниот проект предвидуваат вработување на околу 60 луѓе, со пет ротирачки посади на пилоти, механичари, доктори и сл. Само нивните плати без стотина илјади евра месечно не би можеле да се покријат. Годишно: барем 1 милион и 200 илјади евра. За времетраењето на договорот од осум години само по овие ставки би дале уште десетина милиони евра. Уште толку се веројатно и другите трошоци за тековни и вонредни одржувања на хелиодромите и двете летала, за лиценци, разноразни давачки, трошоци на експлоатација итн. Сè заедно – бајаги милиони!

Но, не сум знаел, ама научив, дека од Македонија кон (главно) Запад и Турција годишно со медицински специјализирани авиони летаат 60-70 пациенти (странски државјани на разни мисии во земјава, наши државјани со двојни државјанства, но и здравствени осигуреници од Косово), кои се носители на странски скапи медицински осигурувања и чии трошоци за ваквите летови ги покриваат тие осигурителни компании. Во зависност од дестинациите, таквите летови се меѓу 10 и 20 илјади евра по интервенција, што му доаѓа околу еден милион евра годишно. Тоа, главно, се прави со специјализирани авиони, но очигледно е дека хеликоптерскиве инвеститори веројатно сметаат и на дел од овој здравствено-осигурителен колач за интервентно покривање на дестинации не поголеми од некои 500 километри.

Потоа, надлежната европска Евроконтрол агенција, ако ми се точни набрзина собраните информации, годишно ѝ уплатува на државава околу два милиони евра за спасителско-медицински летачки потраги и интервенции, како дел од меѓународните договорни обврски на кои е потписник Македонија. И со години по ред нè предупредуваат дека таа област на дејствување не ни е добро организирана, иако ние за тоа сега се „покриваме“ со импровизациите на воените и цивилните хеликоптери со кои располага државата. Можно е во физибилити-студијата на Швеѓаните – таа студија што државата љубоморно ја крие – да се рефлектира заработка и од овие фондови.

Ако добро сфаќам, а тоа никој јасно не го кажува, можно е Македонија да преземе некаква обврска за дополнителни фондови за овие интервенции преку покачување на цената на патарините за возилата (на пример, десетина денари плус на секоја платена патарина) со кои ќе се покријат хеликоптерските итни интервенции при тешки сообраќајни несреќи во кои – „бесплатно“! – би летале овие хеликоптери.

Дополнително, на граничните премини би се вовела понуда за здравствено „хеликоптерско“ осигурување на оние странци кои би сакале – не дај Боже! – да ја користат оваа услуга, без дополнителни трошоци за неа.

Вкупната математика во овој, за нас, „бесплатен“ летачки бизнис-план, сè уште не ми е сосема разбирлива. Но, јасно е дека начинот на кој Владата, со (непотребно?) криење на целосни информации, го комуницира проектот со јавноста, го води кон нова, слатка, предизборна политичко-корупциска афера, којашто во јавноста само ќе расте, како што расте тестото кога се пече гибаница. Опозицијата тендерот, со очекувано претерување, веќе го прогласи за скандал од „нови украдени 72 милиони евра“ – и нема како да им се налутите, бидејќи и СДСМ истото би им го влепиле да се во опозиција.

Плус г. Рашковски, со својата тешко прикриена ароганција во комуникацијата и мистификацијата на своите експертизи во разни тендерски области, кого новинарите „од старт“ го доживуваат како размавтана црвена крпа пред налутен бик… Рецепт за катастрофа во владините односи со јавноста!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close