„Чебрен“ ќе ја чека новата влада

Брана/ Фото: Слободен печат/ Архива

Во однос на тоа дали ќе се бара инвеститор, или, пак, државата сама ќе го гради Чебрен, тоа зависи од стратегијата на Владата. И досега имало и за и против, како за опцијата стратешки инвеститор, така и за самостојното градење – изјави Бесими.

Деценискиот проект „Чебрен“ ќе ја чека новата влада. Сега, ниту има време да се распише оглас, ниту, пак, повторно да се разгледа проектот, кој според министерот за финансии Фатмир Бесими, мора уште еднаш да се преиспита.

– За овој проект е дискутирано во Владата, тој е дел од Стратегијата за енергетика. Повторно ќе се прави оцена, но пред избори, не е реално да се каже дека ќе има јавен оглас, а и инвеститорите тешко дека ќе се одлучат за такво нешто во изборен период, така што овој проект ќе го чека периодот по избори. Во однос на тоа дали ќе се бара инвеститор, или, пак, државата сама ќе го гради Чебрен, тоа зависи од стратегијата на Владата. И досега имало и за и против, како за опцијата стратешки инвеститор, така и за самостојното градење – изјави Бесими.

Тој вели дека лично не гледа ништо страшно во тоа проектот да има стратешки инвеститор.

– Водите се во Македонија. Јас сум релаксиран во однос на ова прашање. Па и во Германија имаше инвеститори од Америка. Дајте да го избереме најдобрите што може да го направат овој проект. Во нашите закони е јасно што е национален интерес и како тој се штити и нема дилема за тоа дали со еден договор може да се наштети. Важно е да се развива тој проект. Повторно на една јавна расправа во Владата ќе се гледаат сите аспекти, затоа што пред 20 години во однос на денес, таргетиран е сосема различно геостратегискиот интерес, а за 20 години пак од денес тој ќе биде дефиниран уште поразлично, затоа што технолошкиот развој оди многу брзо – изјави Бесими.

Вчера, министерката за животна средина Каја Шукова објави дека пропадна четиринаесеттиот тендер за хидроцентралата Чебрен. Проектот беше околу една милијарда евра, а требаше да го гради грчкиот конзорциум ППЦ Архиродон. Но, Грците не ја продолжија банкарската гаранција, која истече на 31.12.2023 година, со што се прекина постапката.

Пропадна тендерот за Чебрен, нема да се активира банкарската гаранција

Дел од македонските инженери остро реагира поради тоа што се дава ваков стратегиски објект на странски инвеститор. Тие организираа и протести и посочуваа дека треба сами да си го изградиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот