Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Центар за граѓански комуникации: Тендерот за инсулин и глукагон вреден 28 милиони евра склучен без конкуренција

Секој трет договор за јавна набавка мониториран од Центарот за граѓански комуникации од јануари до јуни 2023 година, е склучен во постапка каде учествувала само една фирма.  Со отсуство на конкуренција,
склучени се 5.045 договори во вкупна вредност од 283 милиони евра. Во првото полугодие од 2023 година намален е и просечниот број на понуди на сите постапки за јавни набавки и изнесува 2,8, наспроти 3, колку што изнесуваше во 2022 година.

Отсуство на конкуренција е особено загрижувачки во областа каде што се трошат значаен дел од јавните пари, а тоа е здравството. Конкуренцијата изостанува дури и во тендери со огромна вредност, како што е двегодишната набавка на инсулин и глукагон за 2023 и 2024 година, во вредност од 28 милиони евра. Во значаен дел од постапките не се утврдуваат количините на она што се набавува, со што, на штета на буџетските пари, се оневозможува фирмите да понудат пониски цени за поголеми количини на набавка. Ваквиот пристап овозможува и манипулација и злоупотреби во фазата на реализацијата на договорите, констатираат оттаму во својот извештај. 

Според наодите од извештајот, во нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас, во првото полугодие од 2023 година склучени се договори во вкупна вредност од околу 11 милиони евра. Дури 91 проценти од овие договори се склучени во преговори со само една фирма. Најголема вредност на овој вид договори има АД Електрани.

Најниската цена била користена како критериум за избор на најповолна понуда во дури 95 проценти од тендерите спроведени во првото полугодие од 2023 година, што е за 1 процентен поен повеќе од претходната година. Од друга страна, во дел од тендерите каде што за бодување на понудите се користел квалитетот, воочено е дека не се користат соодветни елементи за евалуација.

Поволен тренд е што се намалува примената на електронската аукција. Во првото полугодие од 2023 година, е-аукцијата била предвидена во 62 проценти од тендерите, наспроти 73 проценти во истиот период претходната година. И покрај широко распространетата корупција во јавните набавки, секторот за
контрола во Бирото за јавни набавки, наместо да се зголемува, се намалува. За три години, бројот на вработени во овој сектор, кој се состои од одделение за управна контрола и одделение за претходна контрола, е намален од 12 на 8 вработени. Позитивно е што е зголемен бројот на управни контроли на тендерите, од кои дел биле избрани и врз основа на проценка на ризиците од кршење на одредбите од законот, пишува во извештајот.

Од Центарот за граѓански комуникации препорачуваат донесувањето одлуки да биде проследено со прецизни образложенија, што ќе им овозможат на фирмите-учеснички во постапките за јавни набавки да се уверат во законитоста на донесените одлуки или, во спротивен случај, ќе им даде основа да побараат правна заштита. Недавањето прецизни образложенија, особено кога се носат значајни одлуки како што е отфрлање на понудата или поништување на тендерот, води кон зголемување на сомнежот кај учесниците за непочитување на основните принципи на јавните набавки.

Секоја институција треба да спроведува анализа на конкуренцијата на своите тендери и да изработи план со мерки за унапредување на начинот на спроведување на тендерите заради овозможување поголема конкуренција. Во насока на стимулирање на конкуренцијата, потребно е институциите почесто да спроведуваат и претходна проверка на пазарот преку т.н. технички дијалог со фирмите. Со оглед на нетранспарентноста на постапката со преговарање без објавување оглас, потребно е институциите да ја применуваат само во исклучителни ситуации. Воедно, во насока на зголемување на увидот во овие договори, со објавување на известувањето за склучен договор да се објавува и тендерската документација, а во известувањата за склучен договор да се наведат и имињата на сите фирми кои учествувале во преговарањата, а не само името на фирмата со која е склучен договорот, се посочува во препораките.

Исто така се препорачува институциите да не спроведуваат постапки во кои  не се наведени количините или обемот на предметот на набавка.

Институциите се, најмалку, должни да ги наведат индикативните количини, сè со цел да се обезбедат пониски цени и пофер пристап кон сите учесниците во постапките. Да се продолжи со трендот на намалување на примената на е-аукцијата, која треба да биде исклучок, а не правило во спроведување на постапките за јавни набавки. Потребно е да се следи логиката е-аукцијата да се применува само за производи со познат и стандарден квалитет и за коишто постои конкуренција на пазарот, се вели во препораките.

Центарот за граѓански комуникации редовно го мониторира и го анализира спроведувањето на јавните набавки во земјава, почнувајќи од 2008 година, од кога се применува првата законска регулатива за јавните набавки во земјата изработена според Директивите на Европската комисија. Целта е да се оцени дали и во колкава мера државните институции ги почитуваат основните принципи во трошењето на јавните пари, а стипулирани и во самиот закон – конкуренција меѓу фирмите, нивен еднаков третман
и недискриминација, транспарентност и интегритет при спроведување на постапките и рационално и ефикасно искористување на парите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот