„Цел живот сум песимист, настаните секогаш имаат негативен исход за мене“: Психологот Дора Попова – Узуновски одговора на вашите прашања

драга дора
Фото: Приватна архива
Имате проблем и сакате совет од стручњак? Дора Попова-Узуновски, гешталт психолог и магистер на Психолошки науки во областа на клиничката и советодавната психологија, основач на Центарот за применета психологија „Дора“ во Скопје, ви дава совет како да го решите вашиот проблем.

Поздрав Дора,

Цел живот сум песимист, настаните секогаш имаат негативен исход за мене (на пример, полагам, мислам дека дефинитивно ќе паднам, без оглед на тоа што сум подготвен максимално). Сега ми се случува целосно да сум преокупиран со некои настани, моите реченици или некои одлуки што ги донесувам, така што секогаш сметам дека ќе предизвикаат нешто лошо (дека некој погрешно ќе ги протолкува моите зборови, дека не сум бил добар на работа и ќе ме критикуваат…). Потоа, барам потврда од семејството или од девојката дека добро сум направил/постапил, и дека мојата напнатост околу тоа е неоснована. Тоа ме прави многу вознемирен со соматски последици. Како да ги надминам негативните мисли кои се целосно неосновани?

Почитувани,

Вашиот песимизам е очигледно научен шаблон на размислување и однесување. Велите дека постојано ги преиспитувате своите дела и зборови и дека се плашите нешто да не погрешите. Кога се работи за страв од грешка, вообичаено во позадина стои чувство на вина и/или срам. Бидејќи сте постојано исплашен, на тој начин ја блокирате спонтаноста во својот живот, а со тоа и креативноста. Така, тешко е и да се преземе ризик за одредени одлуки. За да ја надминете оваа состојба, прво важно е да стекнете увид за тоа како сте го научиле ваквиот шаблон на размислување. Многу веројатно дека корените се во примарното семејство. Важно е да го испитате односот со родителите и нивниот критички став кон вас. Доколку тие постојано биле критички настроени на било кој начин, можеби сте почнале сè да правите за да ја одбегнете грешката, меѓутоа тоа придонело до несигурност и постојано преиспитување на работите. Но ова е само една можна претпоставка која ја давам како пример. Сепак, како и да сте го научиле шаблонот, за надминување важно е да го освестите, бидејќи штом станете свесен, ќе ви биде полесно да го промените однесувањето.

Добар ден... Размислував да одам на лекар, но бидејќи не можам точно да го објаснам проблемот, решив да пробам вака, преку писмо до Вас. Имено, ова ми се случуваше често многу одамна, ама престана …, а во последниве неколку месеци се врати и ми се случува неколку пати во текот на денот… Ќе се обидам да објаснам, започнува како недостаток на воздух, но не во смисла дека се гушам, туку имам потешкотии со дишењето…потоа, чувствувам некаква топлина кон стомакот, треска во телото и за момент како да сум отсутна од местото каде што се наоѓам… исклучително чудно чувство кое трае минута, две или три. Се надевам дека успеав да создадам слика за „состојбата“ и дека знаете да ми објасните што е тоа и зошто ми се случува?

Почитувани,

Според состојбата што ми ја опишавте, можно е да се работи за анксиозност, меѓутоа сепак е потребно да добиете потврда од психијатар или психолог-психотерапевт. Се разбира, тоа што го чувствувате може да биде последица и на многу други состојби, како што се некои фобии, панични напади итн. Меѓутоа и да се работи за некоја друга состојба, која што не е класична анксиозност, таа е пропратен дел на многу други состојби бидејќи се работи за недефиниран страв, која секогаш создава голем немир. Она што е важно да откриете е кога се појавуваат вашите симптоми. Дали има некој специфичен период, дел од денот, некое случување итн.? Во текот на доживувањето на анксиозноста се случуваат низа психички и соматски симптоми во телото. Во зависност  од јачината на симптомите, може да се јават бројни телесни состојби, меѓу кои и гореопишаните. Важно е да се напомене дека колку посилни стануваат симптомите на психичко ниво, толку посилни стануваат и телесните симптоми. Според тоа што вие го наведувате, телесните симптоми се доста чести, па добро би било што побрзо да посетите стручно лице за да може не само да откриете за што се работи, туку и да ја искорените состојбата.

Пишете ѝ на Дора за тоа што ве мачи, на мејлот: [email protected] или на адреса „Ристо Шишков“ број 20, Скопје, а ние ќе го објавиме нејзиниот советодавен одговор, или директно контактирајте ја во Центарот за применета психологија „Дора“, тел. 075 310 781 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот