Бугари од Македонија кај Радев може, Македонци од Бугарија кај Стево – никако!

Румен Радев и Стево Пендаровски / Фото: Архива на Слободен печат

Бугарскиот државен врв силно му замери на македонскиот претседател Стево Пендаровски што во петокот во својот кабинет ги прими претставниците на повеќе партии и организации на Македонците во Бугарија, па дури и ги нарекоа „провокација“.

Само што се поправија, односите меѓу Софија и Скопје веднаш се влошија. Бугарскиот државен врв силно му замери на македонскиот претседател Стево Пендаровски што во петокот во својот кабинет ги прими претставниците на повеќе партии и организации на Македонците во Бугарија, па претседателката на БСП и коалициски партнер во бугарската влада Корнелија Нинова завчера го бојкотираше првиот состанок на работната група за инфраструктура, а лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, која исто така е коалициски партнер во Владата, вчера рече дека одбивањето на Нинова да оди во Скопје било оправдано и дека се надева дека тоа е владин став.

Претходно бугарскиот претседател Румен Радев рече дека постапките и однесувањето на претседателот на РС Македонија не придонесуваат за напредок на толку посакуваниот пат на Северна Македонија кон ЕУ, а премиерот Кирил Петков за Пендаровски прокоментира дека  „доброто е што надворешната политика на Бугарија и на Северна Македонија зависи од премиерот и од Советот на министри на двете влади“.

Од Владата вчера не дадоа одговор на прашањата на „Слободен печат“ за најновиот развој на настаните, дали го гледаат како ново затегнување на односите и како го оценуваат „тајмингот“ на претседателот Пендаровски за прием на претставниците на Македонците во Бугарија. Слични прашања испративме и до Кабинетот на претседателот.

Арсовски: Повторно од мравка се прави слон

Според политикологот Петар Арсовски, повторно од „мравка се прави слон“, а двете страни се субјективни кога ги оценуваат постапките.

– Од двете страни на границата има политички центри што се потврди и што се помеки. Овој процес на приближување, на надминување на разликите и решение на спорот, не треба да биде киднапиран од политичките центри што имаат различен наратив од овој што почнаа да го создаваат двете влади. Секако дека има провокации и кај нив и кај нас, но на нив не треба да се реагира. Во Бугарија има дури и политичари што јавно изјавуваат дека македонската нација не постои, дека Македонија е бугарска, но ние не се навредуваме со тоа, па зошто тие толку да се навредуваат ако претседателот Пендаровски примил претставници на ОМО Илинден Пирин и на други партии и организации на Македонците во Бугарија? Неодамна и нивниот претседател Радев прими претставници на Бугарите во Македонија и никој не реагираше, ниту во тоа гледа нешто лошо. Секако дека е чувствителен моментот на средбата кај Пендаровски, но мислам дека на сето тоа во Бугарија му придодаваат преголемо значење – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Тој додава дека Бугарија нема проблем со Македонија во врска со тамошното македонско малцинство, туку има проблем со Судот во Стразбур, каде што изгуби 14 случаи и е Суд што без проблем ги признава и ги легитимира дека постојат како малцинство.

– И ние сме субјективни и тие. Не е страшно што Пендаровски ги примил ОМО Илинден Пирин, па нив ги примаат во многу земји, во разни институции и организации. Се крева голема хистерија, а моментите се сензитивни, во време кога се прават големи напори за успех за време на француското претседателство со ЕУ. Сето ова, пак, од друга страна може да им даде изговор на политичките центри што сакаат да не се надмине спорот, а Македонија да остане блокирана на патот кон ЕУ – вели Арсовски.

Петков: Многу сили ќе се обидат да го попречат дијалогот

Копретседателот на Демократска Бугарија Иванов вчера рече дека средбите на претседателот Пендаровски со ОМО Илинден се „провокација“ и дека е рано да се оцени каков е приодот на премиерот Петков кон прашањето на РС Македонија. Во врска со критиките од Радев до Петков дека неговата посета на Скоје била избрзана, Иванов вели дека критиките се несоодветни.

– Треба се рестартираат овие односи со новите влади во двете земји. Многу е важно да се најде начин за излез од овој исклучително сложен јазол на проблеми. Во оваа смисла, верувам дека мора да го поддржиме премиерот Петков и неговите заложбите да даде поттик во позитивен дух. Секогаш има време да се намуртиме, никогаш нема да ја изгубиме можноста за тоа, но многу е лесно да се изгуби можноста да се започне со добра нота – рече Иванов.

Завчера попладне претседателот Пендаровски во врска со првите реакции од Радев дека „провоцира и се среќава со сепаратисти“ рече дека бугарската страна нема аргументи за реакција затоа што во разговорите немало ништо што оди против Договорот за добрососедство од 2017 година.

– Ако некому му пречи средба на претседател на државата со Македонци кои живеат каде било во светот, тоа не е мој, не е наш проблем – рече Пендаровски.

Тој потенцира дека ги сослушал Македонците од Бугарија и ги упатил дека остварувањето на нивните права може да го направат само во рамките на државата во која живеат или преку меѓународните судови. Шефот на државата нагласи дека нема никаква заднина во средбата и дека здружението ОМО „Илинден Пирин“ побарало да се види со него, а тој не ги одбил, како што досега не одбил ниедно здружение ниту поединец што сакал да се види со него.

– Притоа, сум примал тука и Бугари граѓани на РС Македонија, политички партии, здруженија на граѓани, поединци и не мислам дека има нешто лошо во тоа. Напротив, морам и ќе продолжам да се среќавам и со тие луѓе. Од друга страна, мојот колега претседателот Радев во повеќе наврати прими граѓани на Северна Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука, ги прими во Софија и апсолутно не гледам што е проблемот и во таквите средби. Се надевам дека и тој ќе продолжи со тие активности понатаму, бидејќи тоа може само да создаде атмосфера во која ќе се познаваме, подобро ќе си ги знаеме проблемите еден со друг, подобро и само во една таква атмосфера можеме да го надминеме овој проблем кој ја блокира евроинтеграцијата на нашата земја – вели претседателот Пендаровски.

Тој додаде дека по ниедно правило на меѓународното право тој не смее да се меша во заштитата на правата на бугарските државјани и граѓани.

Според Радев, посетата на Петков на Македонија била избрзана, а „секоја избрзана акција на бугарската влада, секој позитивен прелиминарен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки“. Бугарскиот премиер на ова одговори дека посетата не била избрзана, туку ужасно многу задоцнета и дека Бугарија изгубила 30 години, а тој не сакал да ја одложува за ниту еден ден.

– Сега ќе има многу сили што ќе се обидат да го попречат процесот на дијалог меѓу РС Македонија и Бугарија. Да немаше такви сили, одамна ќе бевме во многу добрососедски односи. Факт е дека има многу сили на Балканот што не сакаат РС Македонија да биде дел од ЕУ, а не сакаат затоа што со нестабилен Балкан во оваа геополитичка ситуација, ќе имаат предност земјите кои, според мене, не ни сакаат добро. Но, отсега да не се оправдуваме со странски држави, туку да ги засукаме ракавите и да ја завршиме работата. И ако го направиме тоа на „стариот“ начин, се сопнуваме – смета Петков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот