Брнабиќ: Сакаме од 21 јуни да ја отвориме Србија за прослави, услов е вакцинацијата

Премиерката на Република Србија ѝ се обраќа на јавноста Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Сакаме од 21 јуни да ја отвориме Србија за прослави, но за тоа треба да имаме целосно вакцинирани 50 отсто од полнолетната популација и затоа ве повикувам да се вакцинирате, изјави денес премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

-Вакцинацијата денес е прашање на националната безбедност. Од 21 јуни сакаме да ја отвориме Србија за прослави, свадби, родендени, но за тоа мора да имаме 50 отсто вакцинирани од полнолетната популација. Сега сме на 42 проценти или околу 2.270.000 луѓе, изјави Брнабиќ.

Говорејќи за економската поддршка на Србија преку европските фондови, таа изјави дека во овој момент најголемата поддршка доаѓа од инвеститори од европски земји, пред се од Германија.

-Скоро 70% од сè што извезуваме оди на пазарот на ЕУ, кажа таа, истакнувајќи дека Србија учествува во Економски инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан со енергетски и инфраструктурни проекти.

Брнабиќ кажа и дека за тоа е важен процесот на вакцинација, како и дека претседателот на Србија „го поставил реперот” Србија да постигне економски раст помеѓу шест и седум отсто, што ќе значи повисоки плати и пензии.

По завршувањето на вчерашната седница на Кризниот штаб, покраинскиот секретар за здравство, Зоран Гојковиќ, изјави дека се предложени ублажени мерки за фризери и организаторите на стручните собири.

Тој додаде да доколку продолжи поволниот тренд на бројот на новозаболени и бројот на вакцинирани, можно е од 21 јуни да се организираат колективни настани .

-Сите фризерски продавници можат да работат под услови кои се помалку ригорозни од порано – имаа ограничувања на девет квадратни метри по лице, се враќаме на она што беше пред есента, а тоа се четири квадратни метри со маски и одржување на растојание, кажа Гојковиќ.

Наредното олеснување на мерките ќе биде за организаторите на стручните собири.

-Тие можат да се одржат, ограничено е на најмногу 100 учесници, со почитување на сите мерки, маски и растојанието, кажа Гојковиќ.

Директорот на Канцеларијата за информатички технологии и електронска администрација на Владата на Србија, Михаило Јовановиќ, посочи дека Србија има доволен број вакцини и дека во овој момент се дадени 3.990.000 дози вакцини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот