Братот на Мел Гибсон: Тој е чудовиште, го мразам бидејќи не сака да ми помогне

Мел Гибсон / Фото: Christopher Polk / Getty images / Profimedia

Изгледаат слично, звучат целосно исто, а некогашната длабока братска врска денес е претворена во омраза. Донал Гибсон (65) е помладиот и помалку познат брат на актерот Мел Гибсон (67), кој во своето прво интервју за својот брат вели: „Го мразам!“.

Освен што, како што ги опиша новинарката на „Дејли мејл“, ги имаат истите сини очи, продорен поглед и „груба убавина“, Мел и Донал имаат толку слични гласови што продуцентите на анимираниот филм „Pocahontas“ го ангажирале Донал да го глуми ликот Џон Смит во продолжението на филмот, бидејќи Мел имал други ангажмани.

Браќата глумеа заедно во еден од најголемите оскаровски хитови, филмот „Braveheart“ (1995). Но, нивниот следен заеднички проект, контроверзниот филм „The Passion of the Christ“ (2004), засекогаш ги оддалечи.

„Порано бевме толку блиски со Мел, а денес е неверојатно што воопшто не разговараме“, изјави Донал во ексклузивно интервју за „Дејли мејл“, додавајќи дека како деца делеле соба и сѐ правеле заедно.

Донал Гибсон / Фото: Инстаграм/Донал Гибсон

Мел Гибсон се проби на светската сцена со улогата во култниот филм „Mad Max“ (1979), а кога се преселил во Лос Анџелес за да продолжи со актерската кариера, брат му Донал тргнал по неговите стапки.

„Тој беше мојот постар брат, мојот најдобар пријател. Немаше љубомора, бев среќен затоа што стана славен. Сепак, тоа го промени, почна да верува во она што се зборува и пишува за него. Мел што го знаев, едноставно, исчезна“, вели Донал.

„Холивуд го изеде, го изџвака и го исплука. Славата и парите му го испраа мозокот и тој стана чудовиште. Го мразам поради тоа што стана“, заклучува тој.

Донал и Мел Гибсон во „Braveheart“ / Фото: Инстаграм/Донал Гибсон

Донал вели дека одлучил да го направи интервјуто затоа што слушнал дека Мел ќе започне со продукција на продолжението на „The Passion of the Christ“. Првото продолжение, кое се емитуваше во кината во 2004 година, ги следи последните 12 часа од животот на Исус, а некои медиуми го оценија како антисемитски и насилен.

Но, и покрај критиките, „The Passion of the Christ“ стана независен филм со најголема заработка на сите времиња. Бидејќи постариот Гибсон го продуцирал сам, најголемиот дел од заработените пари завршиле на неговата сметка.

Донал, пак, филмот го нарекува „катастрофа“, поради која и тој завршил на црните листи во Холивуд, па никако не можел да продолжи да ја развива својата кариера.

„Не очекував да ме поддржи, но пред ‘The Passion of the Christ’ редовно работев на филмски проекти. Кога Мел беше критикуван за антисемитизам, луѓето мислеа дека и јас ги мразам Евреите затоа што сум му брат и ме отпишаа засекогаш“, вели помалиот брат.

Во 2006 година, Мел Гибсон беше сопрен од страна на полициски службеници поради возење во алкохолизирана состојба. Во таа прилика, актерот ги нападнал полицајците, почнал да ги навредува и да им упатува антисемитски коментари.

„Бев пијан, лут и уапсен. Бев снимен, незаконски, од несовесен полицаец и ако навистина сум она за што ме обвинуваат, тогаш сигурно ќе бев забележуван како постојано ги навредувам Евреите“, објасни Мел Гибсон своевремено.

И покрај сите извинувања, кариерата на Мел Гибсон никогаш не закрепна целосно. И тоа се прелеа на Донал, кој ги губеше улогите поради поврзаноста со брат му. Тој беше отпишан од „Дизни“ и „Ворнер брос“ преку ноќ.

„Секогаш кога ќе го замолев Мел да ми помогне финансиски, тој многу се лутеше. Ми викаше дека не можам да го обвинувам за мојата несреќа, а јас почнав да ги избегнувам семејните собири поради неговите гневни испади“, вели Донал во интервјуто.

Мел Гибсон / Фото: LOIC VENANCE / AFP / Profimedia

Мел и Донал не комуницираат веќе пет години, иако некогаш биле многу блиски. Мел е најстариот син, а Донал е најмладиот син во семејството, кое во минатото било многу сиромашно.

„Бевме сиромашни како црковни глувци и често гладни, но лудо се сакавме. Интересно е дека татко ни беше квиз-гениј, кој дури петпат победи во еден култен квиз, освојувајќи вредни награди – автомобили, телевизори итн.“, се присетил Донал.

„Сè уште го сакам, но веќе не знам кој е и што стана. Сакам да ги исправи грешките што ми ги направи. Сакам да живееме во мир“, заклучил помладиот Гибсон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот