Борел: Русија се обидува да ја оцрни демократијата во ЕУ

Жосеп Борел
Жосеп Борел / Фото: EPA-EFE/

Русија активно се занимава со дезинформации за да ја оцрни демократијата во ЕУ и да ја ослаби меѓународната соработка, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во својот говор пред Специјалниот комитет на Европскиот парламент за надворешно мешање во демократските процеси на ЕУ. Тој вети дека ќе ги засили мерките за спречување и одбивање на злонамерната активност против Европската унија, пренесува Дојче веле.

Кампањите за ширење лажни и погрешни информации се особено поразителни во време на пандемијата, бидејќи тие навистина можат да ги загрозат животите на луѓето, рече шефот на европската дипломатија.

– Сведоци сме на про-Кремљ канали кои шират обвинувања дека носењето маски е бескорисно или ги подгреваат „гласовите против заклучувањето”, рече Борел. Неодамна, целта на ваквите акции беа вакцините против Ковид-19 и таканаречената вакцинска дипломатија.

Според него, Русија се обидува да ги дискредитира западните вакцини и нивните производители со пофалби за своите. Како пример ја наведе широко објавената информација од про-Кремљ медиумите дека по вакцинирањето со вакцината на Фајзер/БиоНТек, луѓето имале несакани ефекти, а некои дури и починале.

Во врска со неговата посета на Москва на почетокот на февруари, Борел рече дека на руските власти не им се допаднало кога тој се обидел да започне конструктивен дијалог.

– Тие не сакаа да зборувам за работи што не ги ценат – за човековите права и случајот Навални. Сведоци сме на намерна и координирана и изманипулирана кампања за дезинформации против Европската служба за надворешно работи, рече Борел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот