Болестите што ги пренесуваат животните би можеле да убијат 12 пати повеќе луѓе до 2050 година

лабораторија
Лабораторија / Фото: Pexels

Научниците тврдат дека одредени болести кои се пренесуваат од животните на луѓето би можеле да убијат 12 пати повеќе луѓе во 2050 година отколку во 2020 година.

Експертите од американската биотехнолошка компанија Гинкго Биоворкс повикаа на „итна акција“ за намалување на ризикот за глобалното јавно здравје. Епидемиите предизвикани од зоонозни болести би можеле да станат почести во иднина поради климатските промени и уништувањето на шумите, предупредуваат тие.

Анализата ги разгледа историските трендови за четири специфични вирусни патогени. Станува збор за филовируси, кои вклучуваат вирусот ебола и вирусот Марбург, САРС коронавирус 1, вирусот Нипа и вирусот мачупо, кој предизвикува боливиска хеморагична треска.

Студијата не го вклучи ковид-19, кој предизвика глобална пандемија во 2020 година и се верува дека потекнува од лилјаци. Научниците прегледале повеќе од 3.150 епидемии помеѓу 1963 и 2019 година, идентификувајќи 75 преноси од животно на човек во 24 земји.

Базата на податоци опфаќа епидемии пријавени од Светската здравствена организација (СЗО), епидемии кои се случиле од 1963 година во кои загинале 50 или повеќе луѓе и историски значајни настани, вклучувајќи ги пандемијата на грип од 1918 и 1957 година.

Настаните предизвикале 17.232 смртни случаи, од кои 15.771 биле предизвикани од филовируси и најмногу се случиле во Африка.

Научниците велат дека епидемиите се зголемувале за речиси 5 проценти секоја година помеѓу 1963 и 2019 година, а смртните случаи се зголемиле за 9 проценти.

„Ако продолжат овие годишни стапки на пораст, очекуваме анализираните патогени да предизвикаат четири пати повеќе преноси и 12 пати повеќе смртни случаи во 2050 година отколку во 2020 година“, додаваат тие.

Тие, исто така, посочија дека бројките веројатно се потценети поради строгите критериуми за вклучување на патогени во анализата и исклучување на ковид-19. Тие рекоа дека проценката на доказите сугерира дека неодамнешните епидемии на зоонозни прелевања „не се абер или случајност“, туку го следат „повеќедеценискиот тренд во кој епидемиите на прелевање станаа поголеми и почести“.

Тимот додаде дека „потребна е итна акција за справување со големиот и растечки ризик за глобалното здравје“ врз основа на историските трендови. Наодите од студијата беа објавени во списанието ВМЏ Глобал Хелт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот