Благата зима и штедливоста ги спаси граѓаните од високи сметки за струја: Повеќе од 89 отсто мерни места влегуваат во прва и во втора тарифа

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Најголем дел од граѓаните се во првиот и во вториот блок, но сепак 7,7 отсто од мерните места се во третиот блок каде што струјата е 17,47 отсто поскапа отколку во вториот блок

И во екот на зимата, најголем дела од граѓаните успеале да останат во првиот и во вториот блок, според потрошената електрична енергија. Пресметките на ЕВН направени ексклузивно за „Слободен печат“ покажуваат дека според последните сметки, 89,1 процент, или 715.413 мерни места се влезени во првиот и во вториот блок. Во третиот блок се 7,7 отсто, или 61.526 мерни места, додека 3,2 отсто од мерните места (25.673 мерни места) се во четвртиот блок.

Од 1 јануари цената на струјата во првиот блок е 4,72 денари, во вториот е 5,15 денари, во третиот е 6,05 денари, а во четвртиот е 16,13 денари за еден коловат-час. Ноќната тарифа (ниска тарифа) е 1,31 денари. Но, ова не е крајна цена што ја плаќаат граѓаните за потрошените киловати, затоа што на неа се додава и мрежарината за користењето на електропреносниот систем на МЕПСО и на дистрибутивната мрежа на ЕВН – Дистрибуција. Износот на мрежарината е 2,68 денари за еден киловат-час.

Прв тарифен блок е до 210 киловат-часови, вториот блок е од 211 до 630, третиот е од 631 до 1.050 киловати, а четвртиот е над 1.051 киловат-час, потрошени во рок од 30 дена. Тарифирањето не важи за евтината тарифа која е ноќе од 22 часот до 7 наутро, како и во недела.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) информираше дека домаќинствата за 14 проценти ја намалиле вкупната потрошувачката на електрична енергија во јануари.

– Секој месец ги анализираме податоците и ги мериме ефектите од блок-тарифите. Во прилог се и временските услови, но факт е дека домаќинствата рационално ја користат електричната енергија – изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тој најави и дека е можно враќање на дневната евтина тарифа, од 14 до 16 часот секој ден. Во прилог на ова оди и штедливоста на населението, што значи помала количина потрошена струја за задоволување на домаќинствата што се на регулираниот пазар. Но, најголем адут за можното воведување на евтината тарифа се новите капацитети на сончева енергија кои најмногу струја продуцираат токму во времето кога беше дневната евтина тарифа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот