Биби освои големо мнозинство за својот шести премиерски мандат

Нетанјаху/ Фото EPA-EFE/ABIR SULTAN

Поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху е на прагот на својот шести премиерски мандат, и тоа со стабилно мнозинство во Кнесетот, по неочекувано високата изборна победа на десничарскиот блок.

Неговата партија Ликуд, во сојуз со ултра-националистички и верски партии очекуваат најмалку 65 места во Кнесетот од вкупно 120, што овозможува новата влада на Нетанјаху да биде стабилна и конечно да заврши низата избори без јасен победник, дури пет во изминатите 42 месеци.

Партијата Ликуд всушност потрфрли во однос на очекуваните резултати, но многу гласови собраа нејзините екстремни сојузници, поради што идниот кабинет веќе се опишува како „најдесничарскиот“ во историјата на Израел. Таквата влада значително би ги заострила односите со Палестинците, би го забавила процесот на регионално помирување, па би ги загрозила дури и односите на Израел со администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден.

Мнозинството на Нетанјаху му го донесе новиот и најекстремниот сојузник – Религиски ционизам, кој освои значително повеќе гласови од очекуваното. Потфрлањето на двете проарапски партии и на левичарската Мерец придонесоа за однос на силите во кој Нетанјаху се издвојува како единствениот лидер што може да формира влада.

И овие избори, како и четирите во низа пред нив, беа толкувани како референдумски одговор на прашањето дали Биби има доверба повторно да владее наспроти корупциските скандали. Агенциите за анкети и анализи најавуваа дека гласовите од израелските Палестинци, кои сочинуваат една петтина од гласачкото тело, ќе бидат доволни за да го спречат Нетанјаху да добие уште неколку години спокојство од судењата и обвинувањата за корупција.

– Ние сме на прагот на многу голема победа. Луѓето бараат моќ, не слабост – им порача Биби на своите симпатизери.

Актуелниот премиер Јаир Лапид го предупреди Нетанјаху да не избрзува со прославата сѐ додека не бидат изброени сите гласови, особено оние испратени по пошта.

– Трката не е готова сѐ додека не биде изброен и последниот глас од писмата. Ништо не е готово и ништо не е конечно – им изјави Лапид на своите приврзаници, ветувајќи им дека ќе продолжи да се бори за „Израел да биде еврејска, демократска, либерална и напредна земја“. Многу гласачки ливчиња останаа за пребројување и во Тел Авив, чии жители традиционално се изјаснуваат за левичарските партии. Но, резултатите од 85 отсто од избирачките места укажуваа дека левичарските и центристичките партии здружени во „блокот против Нетанјаху“ не може да се надеваат на повеќе од 54 пратенички места.

Како трета најмоќна политичка сила на овие избори се издвоија новите партнери на Ликуд, ултранационалистичиите Религиски ционисти, кои ќе освојат 14 пратенички места, а досега имаа 6. Лидерот Итамар Бен Гвир и неговите симпатизери го прославија изборниот успех со веење национални знамиња и извикувања „Смрт за терористите!“.

Бен-Гвир е поранешен следбеник на групата Ках, која во САД е прогласена за терористичка поради поттикнување расизам. Бен-Гвир во кампањата најавуваше поддршка на закон за „депортација на нелојални Палестинци“, но и за законски измени што би му помогнале на Нетанјаху да се извлече полесно од судењата за корупција. Најголемото внимание го привлече снимката од неговата посета на палестински кварт во Ерусалим. Кога кон неговата група бил фрлен камен, Бен-Гвир извадил пиштол и им викнал на полицајците да пукаат врз оние што фрлаат камења.

Вашингтон го предупреди Нетанјаху дека ќе ги загрози билатералните односи помеѓу САД и Израел ако прифаќа барања од ултранационалистите и ако назначи министри од нивната партија. Биби одговори дека тоа се внатрешни прашања на Израел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот