Кирил Паковски

Без здив во ехо-одаите

Уметност не настанува онаму каде што сè мора да се приспособи на твојот светоглед. Нема уметност таму каде што секој ден си бомбардиран со содржини што те убедуваат дека си во право.

Лани во мај, на Канскиот фестивал беше премиерата на филмот „Новиот бран“ (Nouvelle Vague) од режисерот Ричард Линклејтер. Во филмот се следи снимањето на првиот долгометражен филм на Жан Лик Годар насловен како „Без здив“. Преку „Без здив“ Годар радикално го редефинира пристапот и концептот на снимање филмови и денес тој е симбол на францускиот нов бран. Во тоа уметничко движење влегуваат меѓу останатите и делата на Франсоа Трифо, Ањес Варда, како и на Ерик Ромер, чии филмови за мојот вкус се едни од најпријатните секвенци на подвижни слики што ги имам доживеано пред филмското платно.

Низ поновата историја има повеќе уметнички движења насловени како Новиот бран, како и некои со слични наслови. Еден таков пример е југословенскиот црн бран на филмови што се појавуваат горе-долу паралелно со францускиот нов бран. Десет години подоцна, во американската кинематографија започнува движењето Нов Холивуд или американскиот нов бран млади режисери со радикален пристап кон создавањето филмови. Во преден план се првите филмови на Мартин Скорсезе, Стивен Спилберг, Френсис Форд Копола и многу други.

Листата на такви бранови ќе ја завршам со југословенскиот музички нов бран што се појавува на самиот почеток на 80-тите. Тој е инспириран од новите бранови во Британија и Америка. Прашан да го опише Новиот бран, Влада Дивљан ќе каже дека тој бран бил како плима. Прашан за тоа како стигнале дваесет и нешто годишни луѓе да создадат толку квалитетна музика, Срџан Сахер ќе каже: едноставно, дајте им на млади луѓе простор и услови. На одјавната шпица на филмот „Новиот бран“ пишуваше: во период од три години, повеќе од 160 режисери излегуваат со свој прв долгометражен филм. Тој бран бил тропска бура. Она што ги дефинира сите овие уметнички движења е силен порив за создавање уметност, здрава доза на радикалност и младешка самоувереност и се разбира талент и визија. Ама поважно, тоа што успева да ги врзе заедно во бран е меѓусебна соработка, конкуренција, компетиција и силни влијанија. Уметност не може да се создаде во изолација. На Балканот по југословенските војни ние тоа најсилно го доживеавме.

Влада Дивљан во едно интервју кажува за силниот ефект што го имале „Леб и сол“ врз него кога ги слушнал на еден концерт како свират. Потоа за свирките низ младинските културни центри низ градовите и за влијанието на новите бендови што свиреле и врз публиката и меѓусебно. Денес, не може да биде подалеку од тоа. Во обид да се зачува етничката чистота, се полнат сали со илјадници луѓе горди на фактот што го одиграле најголемото оро во историјата. Таквата појава е вистински пример ако барате како би изгледало еднo испарување на култура што самата се заклучува во самоизолација. Од неа не може да произлезе уметност. Кога се цитира Горан Стефановски секогаш се игнорира интервјуто од 1998 година кога кажува дека секоја култура по аксиома е мултикултурна. Наместо тоа, наместо уметност и култура ние денес имаме опортунистички музичари што го јаваат бранот на изолацијата и снимаат третокласни обработки на народни песни и пејачи кои во нормални услови би настапувале во биртии покрај регионален пат на излез од Росоман.

Балканските услови настрана, изолацијата е глобална. Веќе се појавуваат анализи за хомогенизацијата на младите и перцепцијата дека исчезнуваат супкултурите. За да постојат тие, за да постојат контракултурите, прво треба да постои културата.

Моменталната состојба во светот е наречена глобална борба на култури (Culture wars). Таа нема врска со култура, нема врска со уметност. Тоа е борба на наративи, создадени во дигитална изолација, амплифицирана до губење здив од алгоритмите пуштени на максимум во ехо-одаите. Надвор од нив, сонцето уште грее и дрвјата раззеленуваат. Како за споредба, четирите бранови опфатени погоре исто така се случуваат во време на силна глобална поларност, комплексни политички состојби и распространет страв од можен нуклеарен судир. Денес, зад глобалната хиперповрзаност постои вистинска дигитална изолација што се храни од наративи кои функционираат како автоцензура. Уметност не настанува онаму каде што сè мора да се приспособи на твојот светоглед. Нема уметност таму каде што секој ден си бомбардиран со содржини што те убедуваат дека си во право. Четириесет години нема нов бран. И нема да го има. Брановите се создаваат во судир, не во простор во кој секоја идеја бара само потврда од самата себе.

(Авторот е молекуларен биолог)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот