Без индивидуална одговорност на судиите нема суштински напредок во судството

Судии судија судство
Илустрација: судија / Фото: Архива на „Слободен печат“

Довербата на граѓаните во органите на правосудството изнесува само два отсто и може целосно да исчезне по последниот скандал со врховниот судија Георгиев, кој заврши во притвор поради мито доколку не се преземат суштински чекори за освежување на кадрите во судовите и во обвинителствата со одговорни професионалци

Само два отсто од граѓаните имаат доверба во органите на правосудството, покажа најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) што беше објавена деновиве, пред мегаскандалот со врховниот судија Наќе Георгиев, кој минатата недела заврши во притвор откако беше фатен на дело со мито од 10.000 евра за да влијае врз судска одлука. Неговиот соучесник Иџет Мемети од Советот за јавни обвинители, пак, доби мерки на претпазливост. Довербата во правосудството мерена од институтот ИРИ лани пролетта изнесуваше 4 отсто, па есента падна на само 1 отсто, по што во меѓувреме се зголемила на два отсто, но прашање е дали има услови да продолжи да расте.

Довербата нема да се врати сама

Според Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“, треба да се види дали и како последните случувања со Георгиев и Мемети ќе влијаат врз и онака ниската доверба во правосудството, но јасно е дека таа нема да се врати сама од себе.

– Неопходни се системски и долгорочни чекори за унапредување на состојбите, генерално. Треба да се овозможат подобри услови за генерирање нови кадри во правосудството, не само за судиите и за јавните обвинители, туку и за судската администрација, адвокатите, за сите учесници во процесите. Треба да се работи на подобрување на капацитетите на самиот Судски совет – вели Аврамовски.

Дарко Аврамовски, Коалиција „Сите за правично судење“ / фото: принтскрин МИА

Системски промени во оваа област веќе се најавени, односно се очекува идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да почне да ги спроведува реформите од нивната предизборна програма која, меѓу другото предвидува и распуштање на актуелниот состав на Судскиот совет, кој, според партијата, го изгубил кредибилитетот. Идната власт најави уставни и законски измени за да воведе „строги и објективно мерливи критериуми што треба да ги исполнат членовите на Советот што доаѓаат на предлог на Собранието и на Претседателот на државата“, јасно дефинирана постапка за избор и разрешување на претседателот на Судскиот совет, како и задолжително образложение на одлуките што ги донесува Советот.

Аврамовски вели дека за успех и напредок на правосудството не е клучна само политичката волја, како што се мисли, туку значаен фактор се и самите луѓе во правосудството кои потоа треба да ги спроведат донесените закони.

– Не е само до политичката волја. Еве, и да ја има, ќе се донесат нови уставни измени, нови закони, но дали ќе се спроведат? Ние и досега во сферата направивме многу промени и реформи, но имплементацијата во практика секогаш останува на истите луѓе. Какви било закони да се донесат, потребен е и кадар да ги спроведе, а тоа не може нонстоп со истите луѓе. Време е да се размислува за индивидуална одговорност, не само во кривична смисла да се утврдува дали некој направил кривично дело, туку и во смисла на ефикасност, на отчетност, квалитет во работењето. Секој чинител треба да има одговорност на индивидуално ниво. Мора да се развие таа свест, инаку ќе нема напред – вели Аврамовски.

Време е за индивидуална одговорност

Тој додава дека јавноста и граѓаните не може да очекуваат дека работите во правосудството може нагло да се подобрат.

– Не е можно да се направи рез, да се пресече состојбата и да се очекува дека отсега ќе биде подобро. Мора да се оди постапно, но сигурно. Се знае што може да обезбедат законодавната и извршната власт, а што е задача на судската власт. Политиката, односно законодавецот треба да обезбеди во Судскиот совет да влегуваат вистински професионалци, да обезбедат судиите на изборите да ги изберат оние судии што имаат развиена индивидуална одговорност. Нека направат политичарите таков исчекор, нека пратат во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители одговорни индивидуалци на кои не им е потребен закон за да ги принудува да даваат образложенија на своите одлуки. Нека се запрашаат сите зошто квалитетните и добрите судии не сакаат да се кандидираат на изборите за членови на Советот, кој е проблемот во тоа тело? Нека им се обезбедат услови за нивна самоорганизација за да си изберат добри членови, затоа што токму тие, членовите, го градат правото со своите постапки и одлуки во Советот. Време е конечно за индивидуална одговорност – вели Аврамовски.

И парите се значаен дел, додава нашиот соговорник, односно извршната власт треба да ги префрла парите што законски му следуваат на правосудството.

– Неопходно е да им се обезбедат услови за работа. Погледнете ги само униформите на судската полиција. Одамна не се сменети, а судската полиција е првата слика со која се среќава секој посетител на судовите. Се создава впечаток дека не се инвестира во судството, дека не му се даваат пари, а потоа тој факт се злоупотребува од самото правосудство, за да се оправдаат слабите резултат на судиите – вели Аврамовски.

Според анкетата на ИРИ, високи 60 отсто имаат целосна недоверба во правосудството, а делумна недоверба 21 отсто, односно над две третини од испитаниците не веруваат во одлуките на судиите. Делумна доверба имаат 15 отсто, а целосна доверба само два отсто.

 

Според анкетата на ИРИ, само два отсто од граѓаните имаат целосна доверба во правосудството

Минатата недела врховниот судија Наќе Георгиев заврши во притвор, откако полицијата го фати на дело додека зема 10.000 евра за да влијае во постапка во која е обвинет поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев. Според неговиот адвокат, тој се брани со молчење и тврди дека е наместен. Во делото како соучесник на судијата Георгиев е осомничен членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, поранешен Народен правобранител во два мандата. Нему му е одземен пасошот и мора да се јавува во суд. Обвинителството соопшти дека на товар им се става делото примање награда за против законито влијание од член 359 од КЗ, за кое е пропишана казна затвор од една до десет години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот