Белата куќа ги исцрпува и заобиколните канали за испорака на оружје во Украина

Фотографија ЕПА, Сергеј Козлов

Пентагон утврди дека била „преценета“ вредноста на оружјето од американските магацини што веќе ѝ е испратено на Украина, и тоа не за малку, туку за 6,2 милијарди долари. Состојбата кон средината на декември е 4,4 милијарди долари. Тоа е сумата на оружјето што може да ѝ биде испорачано на Украина додека овие фондови не се наполнат од новиот буџет

Вашингтон користи разни легални канали за да му испраќа оружје и муниција на Киев наспроти блокадата во Конгресот на новиот пакет воена помош.

Сенатот не дозволува во буџетот да биде вклучена сумата од 110 милијарди долари за воена и друга помош за Украина, Израел, Тајван и другите пацифички сојузници, 14 милијарди за зацврстување на границата со Мексико, дури и за хуманитарните потреби за Газа. Огромен дел, дури 61,4 милијарда долари, се наменети за Украина. Претседателот Володимир Зеленски, благодарејќи за досегашната помош од над сто милијарди долари од САД, пред една недела го посети Вашингтон за да им ја пренесе лично на конгресмените загриженоста дека Украина нема да може да се одбрани и себеси и Европа ако сојузниците престанат да ѝ даваат конкретна поддршка. Дури и републиканците се за понатамошна поддршка на Украина, но решија со цврста блокада да издејствуваат отстапки за други интереси, пред сѐ за обезбедувањето на границата со Мексико.

Претседателот Џо Бајден упорно апелира до републиканците во Сенатот и во Претставничкиот дом да не се пазарат со судбината на Украина, предупредувајќи ги дека блокирањето на помошта би било „најубавиот можен божиќен подарок“ за рускиот претседател Владимир Путин. Од друга страна, тој ги користи сите механизми и заобиколни патишта за да продолжи доставувањето оружје и муниција за Украина. Откако на 4 ноември директорката за буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг, официјално го извести Конгресот: „останавме без бари за да ѝ помогнеме на Украина во борбата против руската агресија“, САД ѝ испрати на Украина уште три пакети воена помош во вредност од вкупно 475 милиони долари. Бајден во вторникот потпиша испраќање нов пакет во вредност од 200 милиони долари.

Америка, всушност, има две „вреќи“ со пари за оружје и безбедносна помош за Украина. Едната е „Претседателската власт за намалување“ (ПДА), која овозможува на Украина да ѝ биде испратено оружје од американските воени магацини, а парите се наменети за враќање на резервите на предвиденото ниво. Втората е Иницијативата за безбедносна помош на Украина (УСАИ), од која се финансираат долгорочни договори со производители на оружје. Фондот за УСАИ веќе е исцрпен, а ПДА официјално е близу до дното. Но, тоа е продлабочено откако Пентагон утврди дека била „преценета“ вредноста на оружјето од американските магацини што веќе ѝ е испратено на Украина, и тоа не за малку, туку за 6,2 милијарди долари. Состојбата кон средината на декември е 4,4 милијарди долари. Тоа е сумата на оружјето што може да ѝ биде испорачано на Украина додека овие фондови не се наполнат од новиот буџет.

Сите нови пакети што Бајден ги потпишува редовно секоја недела се од овие 4,4 милијарди. Белата куќа веќе почна да штеди и секој нов пакет е сѐ помал од претходниот – првите беа во вредност од 400 до 500 милиони долари, а изминатиот беше 200 милиони.

Тоа секако не е без последици, бидејќи забрзано се празнат магацините на американските оружени сили, а пропорционално се ослабува капацитетот на Америка да се одбрани при евентуален напад. Особено брзо се празнат хангарите со гранати за 155-милиметарски хаубици, артилериската муниција што најмногу ѝ е потребна на Украина во обид да го пробие рускиот бедем на окупираните територии. Не помага многу ни засиленото производство во фабриката на Армијата „Скрантон“ во Пенсилванија. Генералот Пет Рајдер во четвртокот објави дека иако сумата на располагање е 4,4 милијарди, реално може да се испорача оружје во вредност од 1,1 милијарда, а притоа да не биде загрозен одбранбениот капацитет на САД.

Бајден настојува да ги убеди конгресмените дека воената помош за Украина е полезна за изборните единици што ги делегирале – склучени се договори со одбранбена индустрија во вредност од 10 милијарди долари за разни оружја и муниција, од противвоздушни системи преку проектили до беспилотни летала, а фабриките добиле и уште 16,8 милијарди долари за пополнување на испразнетите резерви.

И Вашингтон и Киев се надеваат дека последниот фонд од 4,4 милијарди долари ќе биде доволен да ѝ помогне на Украина барем да ја преброди зимата. „Пролетната“ украинска офанзива што почна дури во јули се одвива неочекувано бавно, поради моќниот бедем што руските сили го изградија на окупирана територија. Со недели наназад речиси и да нема поместувања на фронтот, а единствената голема битка е кај Авдиивка, на истокот на Украина, каде што, според извори во Киев, од строј биле исфрлени 13.000 руски војници и 220 борбени возила.

Одговарајќи на прашањата од нацијата, како и спроти изборите за нов претседателски мандат, Путин објави дека руските сили напредуваат на фронтот.

– На речиси целата линија на судир на воените сили ние, да се изразам благо, ги подобруваме нашите позиции, речиси сите се во активна фаза – изјави Путин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот