Барса го повлече Јамал од репрезентацијата, шпанската федерација лута
Ламин Јамал, ѕвездата на шпанскиот тим, нема да игра на важните дуели со Грузија и со Турција, откако на иницијатива на Барселона му е направен медицински зафат, без да се консултира шпанската федерација (РФЕФ). Селекторот е принуден во последен момент да ја менува тактиката, а Федерацијата е лута поради самоволието на Барселона
Ламин Јамал (18) е повлечен од тренинг-кампот на шпанската репрезентација за претстојните квалификациски натпревари против Грузија и Турција. Одлуката е донесена поради здравствен проблем на играчот, а по таа вест која дојде од Барселона, следуваше силната изјава објавена од Кралската шпанска фудбалска федерација (РФЕФ) во која се изразува нивното длабоко незадоволство од справувањето со ситуацијата.
Препорачано
– Медицинските служби на РФЕФ го изразуваат своето изненадување и незадоволство откако на денот кога започна официјалниот тренинг камп со националниот тим дознаа дека играчот Ламин Јамал бил подложен на инвазивна радиофреквентна процедура за третман на непријатноста во препоните – е дел од изјавата на РФЕФ.
Овој третман е спроведен без претходна комуникација со медицинскиот персонал на Националниот тим. РФЕФ дознала за деталите од постапката дури преку извештај добиен доцна во ноќта, во кој е детално наведена потребата за одмор.
Во РФЕФ се сериозно лути на овааа постапка на Барселона затоа што таа ситуација ја нарушува тактиката на селектор за клучните европски мечеви, принудувајќи го на итна потрага по замена.
Јамал ќе треба да го почитува препорачаниот одмор, со што ќе ги пропушти двата натпревари. РФЕФ немаше каде, па го прифати повлекувањето. Селекторот Луис де ла Фуенте итно го повика Хорхе де Фрутос.
Десното крило од Рајо Ваљекано има добар почеток на сезонава со шест гола и три асистенции во сите натпреварувања. За потсетување, Шпанија сè уште треба да го обезбеди својот билет за Светското првенство во натпреварите против Грузија (15 ноември) и Турција (18 ноември).
Не и е првпат на Барса
Ова не е првпат Барселона и РФЕФ да се судрат околу Ламин Јамал, кој се повреди за време на првата репрезентативна пауза минатиот септември. По тој инцидент, тренерот на Барселона, Ханси Флик, го обвини селекторот дека не се грижи за своите играчи откако Јамал се повреди по играњето на првите два квалификациски натпревари, против Бугарија и Турција.


