Барањето ветинг – чисто лицемерие!

Иако се сложуваат дека е потребен ветинг во политиката и во судството, партиски лидери никако да се договорат и да го донесат законот со кој ќе се спроведе прочистувањето од корумпирани кадри. Експертите сметаат дека нема политичка волја за да се спроведе процесот.

Сите партиски лидери тврдат дека само со сеопфатен ветинг може да се прочистат правосудството и политиката и да се види кој е корумпиран, некои од нив се нудат проверката дали се „чисти“ да почне од нив – лидерите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски – а никако да се договорат да го донесат законот за ветинг. Наместо тоа секојдневно си разменуваат обвинувања за корупција и криминал со препораки дека местото на таквите им е во затвор.

Аналитичари и професори по право сметаат дека без да бидат вклучени странски експерти тешко дека сами ќе се справиме со корупцијата, но и дека за спроведување ветинг не треба ни странци ни закон, туку добра волја од партиите.

Благојче Атанасоски – политиколог / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Политикологот Благојче Атанасоски во изјава за „Слободен печат“ вели дека сме доведени до апсурдна ситуација во која Џорџ Орвел може да напише роман за нас.

Тие што цели три децении целосно го урнисаа системот, целосно корумпирајќи го и криминализирајќи го, тие се нудат да бидат ставени „на тапет” на истиот тој систем што го заробија и целосно го испартизираа поставувајќи свои луѓе на позициите во судско-обвинителскиот систем кој треба(ше) да биде независна, трета власт и да ги гони нивните (евентуални) криминали. Изјавата на Ахмети е буквално подигрување со јавноста. Ни бебиња не може да поверуваат дека Ислам Абази ќе го „проверува” Ахмети и ќе му најде криминално дејание, нему или на член на неговата фамилија, потесна или поширока. Ја поддржувам изјавата на Османи дека само меѓународни претставници може да го направат тој ветинг. На пример, да ја доведеме Лаура Ковеси и таа прво да го испрати во затвор лидерот на Османи, Али Ахмети“, вели Атанасоски.

Проф. Ана Павловска Данева/Фото: Слободен печат

Професорката на Правниот факултет Ана Павловска Данева за „Слободен печат“ вели партиите може самите да спроведат ветинг и дека за тоа не им треба закон.

„Не може државните институции или меѓународни организации да прават ветинг на раководствата на политичките партии. ДУИ, ако реално сакала да прави ветинг, требало тоа да го стори уште кога го избирале Мерко за потпретседател на партија, кога го кандидирале за градоначалник итн. Процесот, значи, без никаков закон, само со интерна одлука може да почнат да си го спроведуваат политичките партии во однос на своите функционери и кандидати за носители на функции на власт. Ако сакаат можат да прават не само „претходен ветинг, туку и континуитана проверка на интегритетот на своите партиски функционери во текот на целиот нивен мандат. Оттука, редно е да престанат да пропагираат вредности и наместо тоа да покажат дела“, вели Павловска Данева.

Таа додава дека кога станува збор за државните носители на функции, пред се судиите, и сега постојат законски механизми за нивно оценување, и редовно и вонредно.

Но, кој да го спроведе? Судскиот совет? Звучи иронично, нели“, коментира професорката.

Ахмети викендов повторно повика да се отвори истрага за целокупното делување на ДУИ, за сите функционери, почнувајќи од него, откако струшкиот градоначалник Рамиз Мерко заврши на црната листа на САД со наводи за значителна корупција, а партијата ја тресат афери за внуците и за синот на лидерот на ДУИ, Дрин, Бесијан и Шкумбин Ахмети за купувањето на трговскиот центар „Соравија“ и намерата братучедите да влезат во бизнис со фотоволтаична централа. Според Ахмети, ветингот ќе има кредибилитет само ако со спроведе со помош на меѓународни експерти.

„За да бидеме посериозни, јас сум зборувал и со другите политички партии, за сите да се солидаризираме околу борбата против корупција. Но, треба да има и меѓународни експерти во тоа, за да биде процесот кредибилен, за да биде доверлив за граѓаните, но и за тие коишто ќе бидат прогласени како виновни. Бидејќи некој може да каже дека ова е одмазда побаравме да има правни експерти од меѓународната заедница, кои би ни помогнале. Борбата против корупцијата не е лесна, доколку нема одржливо партнерство помеѓу политичките партии. Јас сум кажал дека не се сите ангели во ДУИ, но јас имам политички органи, а не обвинителски“, рече Ахмети.

Тој побара истрага за сите функционери на ДУИ, за Мерко, но и за неговиот син и за внуците.

„Да се отвори истрага за сите членови на ДУИ, почнувајќи од мене, па се до последниот функционер во партијата – градоначалник, министри, директори. Нема ниту амнестија, ниту засолниште во ДУИ. Но, додека не е утврдена вина, ние не може да правиме лов на вештерки. И самиот Мерко ја замрзна својата позицијата во ДУИ за да не се искористи тоа дека е под нејзина заштита или под влијание што може партијата да го има во органите. Се што е законски треба да се почитува, сè што не е, да се казни, но јас никому не можам да му забранам да има приватен бизнис. Нека излезе кој било да каже дека е злоупотребена некоја институција, компанија, во мое име, во име на функцијата што ја имам како претседател на партија или како пратеник, тогаш тоа е друго прашање“, рече Ахмети.

За обвинувањата од ДУИ дека ВМРО-ДПМНЕ е „судски потврдено криминално здружение“, Мицкоски му порача на Ахмети дека кариерата ќе ја заврши како обичен криминалец. Според него, дел од раководството на ДУИ не само што ја изгубило својата суштина, туку на крајот од политичката кариера ќе бидат запаметени по криминалот и корупцијата и тоа преку нивните семејства.

Знаете, кога во политиката ќе го вклучите семејството, тогаш вие не сте го допреле дното, туку сте отишле подлабоко. Тоа се случува со семејството на дел од раководството на ДУИ. Тој човек, кој себе си се претставуваше како борец за човекови права пред 20 години, изгледа раководен од неколкумина околу него, ќе заврши како човек длабоко вплеткан во криминал. Но, за жал, го вплеткува и сопственото семејство. Имаше шанса голема, но како што одминува времето, тој не само што ја пропушта таа шанса, туку е и пред сопствениот политички крај“,  вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека не може да се верува во правосудството, алудирајќи и на фотографијата на која шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, е фотографиран со член на семејството на Ахмети. Според него, пораките од ДУИ дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија не проаѓаат во јавноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот