Банките, приватните болници и фармацевтските компании не ги погоди кризата

Скопје, 18 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Една година по прогласувањето на пандемијата, стана јасно дека некои економски сектори многу полесно „пливаа“, па дури и ги зголемија приходите. Претпоставките дека сѐ ќе се среди за неколку месеци излегоа нереални, па иако дел од работните места и минималната ликвидност на компаниите е во глобала сочувана, веќе има јасни показатели дека на одредени сектори ќе им треба повеќе време за да се вратат на нозе, а експертите предупредуваат дека дури по неколку месеци од смирувањето на пандемијата, ќе добиеме увид во вистинската состојба на пазарот.

Во меѓувреме, државата постојано истакнува колку пари се „истурени“ во економијата преку државната помош, но дел од мерките кои беа осмислени да им помогнат на граѓаните, како мораториумите на кредитните рати и стопираните извршувања за три месеци, се покажаа дека не се баш бесплатни. Мораториумот, со кој банките придонесоа, беше таргетиран да им помогне на граѓаните што имаат проблеми во плаќањето на кредитите, доцнат или претчувствуваат дека ќе влезат во проблеми. Но, банките лани заработија 301 милиони евра, што е за 12 милиони евра помалку во однос на 2019 година. Поради кризата, банките лани двапати го замрзнаа плаќањето на ратите, но не и на каматите, кои ги прераспоредија на следните ануитети. Податоците на Народна банка, покажуваат дека од каматите на граѓаните, банките лани инкасирале 168 милиони евра, од компаниите, пак, наплатиле 101 милиони евра, а 15 милиони евра се слеале од каматите на државните хартии од вредност. Приходите од камати до крајот на март годинава, ќе се наплатат во наредниот период.

– Ова не беше бесплатна помош. Верувам дека ако поголемиот дел од граѓаните беа барем малку повеќе информирани, немаше да ги прифатат условите за одложување на кредитите. Каматите си течеа, тие не беа избришани, а главоболките настанаа кога се собраа на купче по истекот на првите шест месеци. Ако оваа мерка беше добра, немаше во вториот мораториум само 7,4 отсто од граѓаните да го прифатат и ова одложување. Состојбата со платите и невработеноста не се подобри. Напротив, од март наваму е многу полошо од лани. Но, граѓаните сфатија дека е подобро да си плаќаат навреме – вели за „Слободен печат“ Маријан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ).

Ристевски е дециден дека во оваа криза некој добро профитирал на маката на граѓаните. Невозможно е да не се спомене и извршителскиот мораториум, кој исто така беше претставен како помош за граѓаните, иако и нивните камати не беа стопирани, туку си течеа. Што е уште пострашно, покрај старите, се натрупаа и многу нови налози за извршување, а Собранието тера политика и никаде ги нема законски решенија за простување на каматите на старите долгови и отворање на патот кон  нивно плаќање на рати.

– Фрапантни се податоците дека извршителите лани наплатиле повеќе од 123 милиони евра и покрај четиримесечниот мораториум на извршувањата. Близу 78 милиони евра лани се наплатени од граѓани и од фирми од Скопје. Дефинитивно треба да се замрзне износот на каматата во моментот кога таа ќе се изедначи со висината на долгот. Каматите ги „изедоа“ граѓаните и тоа не е никаква помош, а уште помалку е помош некој да профитира во ваква ужасна криза, кога секој гледа да спаси глава – додава Ристевски.

Во ова ковид-криза, секако, најмногу профитира приватните болници, кои им наплаќаа на болните и по 12.000 евра за 10 дена лекување, а со заработка може да се пофалат и фармацевтската индустрија, веледрогериите, но и производителите и увозниците на разни средства за дезинфекција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот