Австриски медиум со лажни вести за наводен упад на 1.000 мигранти во Македонија
Македонското министерство за внатрешни работи (МВР) ги демантира наводите на виенскиот дневник „Естерајх“, за наводен упад на 1.000 мигранти на нашата територија од Грција. МВР соопшти дека состојбата со бегалците е редовна, и дека нема никакво ниту нарушување ниту пак зголемување на бројот на мигрантите кои од Грција влегле во Македонија.
Инаку, виенскиот дневник „Естерајх“, повикувајќи се на наводна фотографија која ја добиле од разузнавачките служби, покажува група на мигранти од околу 1.000 лица на еден градски плоштад во Македонија.
Притоа, не се наведува за кој град се работи, но фотографијата и информација експресно беше објавена во повеќе австриски и српски медиуми. Лажната вест предизвика внимание и дотаму што австриските медиуми веќе почнаа да дигаат аларм и проценки за тоа за колку време групата би можела да стигне на границите на Австрија.
Претходно, одредени балкански медиуми пренесоа уште една лажна вест околу мигрантите, а се однесуваше на тоа дека Србија ја затворила границата со Северна Македонија за да ја заштити својата територија од новиот мигрантски бран. Оваа информација беше погрешно пренесена, врз основа на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изјави дека доколку новиот мигрантски бран од Грција влезе на територијата на Македонија, Србија херметички ќе ја затвори границата со својот јужен сосед.