Австрија од солидарност постави израелско знаме на официјални згради
Австрија денеска постави израелско знаме на официјалните згради „во знак на солидарност поради нападите на израелската територија од Појасот Газа од страна на палестински Хамас и други терористички групи”.
– Најсилно ги осудувам нападите врз Израел од Појасот Газа, изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц, пренесе Бета.
– Израел треба да се брани од овие напади. Како израз на нашата солидарност, го поставивме израелското знаме на зградата на Владата и Министерството за надворешни работи, додаде тој.
Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг рече дека „ништо не го оправдува” фактот дека „Хамас и другите терористички групи” досега истрелале повеќе од илјада ракети од Појасот Газа кон Израел и истакна дека Австрија силно ја поддржува безбедноста на Израел.
Австриското обвинителство, исто така, отвори истрага по антисемитските изјави за време на демонстрациите за поддршка на Палестинците во Виена во средата.