Австралиска водителка илјада дена е во кинески затвор поради наводно шпионирање, семејството бара објаснување

Ченг Леи / Фото Твитер

Пријателите и семејството на австралиската телевизиска водителка Ченг Леи вчера повторно побараа нејзино ослободување од притворот во Кина, точно илјада дена откако кинеските власти ја приведоа под обвинение за шпионажа. Ченг, поранешна деловна директорка на кинеската државна телевизија „СЏТН“ и мајка на две деца, е обвинета за незаконско испраќање државни тајни во странство.

За кривичното дело е предвидена казна од пет години затвор до доживотен затвор. Австралиските власти изразија загриженост поради сугестиите на аналитичарите дека затегнатите врски меѓу Канбера и Пекинг можеби дале поттик на нејасниот случај против неа, пишува „Си-Ен-Ен“.

Ченг била на пат кон работа утрото на 13 август 2020 година, кога била „однесена од Министерството за државна безбедност на Кина“, рекол нејзиниот партнер Ник Којл во писмо објавено во австралиски весник. „Сега, 1.000 дена подоцна, сè уште не знаеме зошто е киднапирана, зошто е обвинета за намерно нарушување на националната безбедност и кога би можела повторно да биде со нас“, напиша тој.

„И покрај тоа што толку долго беше одвоена од семејството, таа покажа голема издржливост и храброст. Сите Австралијци сакаат да ја видат назад со нејзините деца“, напиша австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг во објава на Твитер. Вонг додаде дека нејзиното министерство ја споделува загриженоста на пријателите и семејството на водителката за „тековните одложувања во нејзиниот случај“.

Кинеските власти не открија детали за обвиненијата против Ченг, а набљудувачите изразија загриженост за тајното судење зад затворени врати. Во март минатата година, на австралискиот амбасадор во Кина му беше одбиен влез на почетокот на судењето на Ченг во Пекинг, што тој го нарече „длабоко загрижувачки“.

Случаите за национална безбедност обично се водат зад затворени врати во Кина. Сепак, недостатокот на транспарентност во случајот во позадина на влошените односи меѓу Кина и Австралија ја поттикна загриженоста на аналитичарите дека наводите може да се политички мотивирани.

Набргу откако Ченг беше приведен, двајца австралиски новинари кои работеа во Кина побегнаа од земјата бидејќи властите сакаа да ги испрашаат. Така, австралиските медиуми првпат по речиси 50 години останаа без ниту еден новинар во Кина. Додека сè уште има неколку австралиски новинари кои работат во Кина, сите тие се вработени во не-австралиски медиумски компании.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот