Атанасоски: Новите партии во бугарскиот парламент ќе бидат внимателни со „тргање на ветото“

Тешко е да се одгатне кој ќе го направи потребното мнозинство од 121 пратеник за да ја состави идната бугарска влада во идеолошки и партиско-коалициски шаренолик парламент, а не се исклучени и нови парламентарни избори наесен, вели политикологот Благојче Атанасоски. 

– Изборите во Бугарија донесоа еден идеолошки и партиско-коалициски шаренолик парламент во кој е многу тешко да се одгатне кој ќе направи потребно мнозинство од 121 пратеник, а со тоа ќе ја состави идната бугарска влада! Најмалку веројатно е тоа да биде ГЕРБ на актуелниот премиер Борисов и покрај тоа што е номинално победничка партија, бидејќи сите други јавно отфрлија соработка со него. И самиот е свесен за тоа и затоа ги повика итно да ја преземат одговорноста и да формираат влада. Лидерката на социјалистите (БСП) Корнелија Нинова го повика Слави Трифонов да направат антиГЕРБ влада, но тој одби соработка со наследниците на комунистите и засега ,,мудро“ молчи. Постои варијанта и за малцинска влада помеѓу ,,Има таков народ“ на Трифонов, Демократична Бугарија на Христо Иванов и Исправи се.бг на Маја Манолова со поддршка на партијата на етничките Турци, Движението за права и слободи ДПС, за кое се понуди и изјасни лидерот на оваа партија Мустафа Карадај, но строго без учество на ГЕРБ или БСП, како поткрепена малцинска влада без учество на самата ДПС! Како и да е, равенката е многу сложена, со повеќе непознати и не исклучувам наскоро да се оди на нови предвремени парламентарни избори наесен заедно со претседателските, а дотогаш да има службен кабинет назначен од претседателот Румен Радев – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Тој не е оптимист дека спорот што Софија го наметна може брзо да се реши, кој и да формира влада.

– Што се однесува до нашите односи и дали ветото од нивна страна ќе биде тргнато за да продолжат нашите евроинтеграции, не би бил толку голем оптимист дека може магично веднаш да се реши. И да има воља за такво нешто, тие партии ќе бидат многу внимателни при тргање на ветото, бидејќи истото може да им донесе негативни поени пред евентуалните нови избори, бидејќи ,,македонското прашање“ таму е издигнато на пиедесталот и преку него се црпат или се  губат гласови! Како и да е штетата е голема и веќе направена во декември со самиот чин на ставање вето и негативната улога ја изиграа Каракачанов, Захариева, Џамбазки и Ковачев! Сега останува потешката задача на нивните наследници да ги вадат ,,жешките костени“ од заплетканите македонско-бугарски односи! Треба да бидеме крајно внимателни и претпазливи и да вложиме искрена воља и труд од двете страни да ги решиме апсурдно создадените проблеми и да го продолжиме нашиот пат кон крајната станица Брисел – вели Атанасоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот