Анкета: Потребна промена на постојниот модел на општински инспекциски надзор

Анкета: Потребна промена на постојниот модел на општински инспекциски надзор/Фото: МИА

Над 72 проценти од локалните инспектори сметаат дека постојниот модел на општински инспекциски надзор треба да претрпи измени, а за да биде поефикасен речиси половината (47,9 отсто) оценуваат дека треба да биде заменет со инспекциски служби на регионално ниво. Речиси една четвртина од испитаниците (24 отсто) се залагаат за централизиран систем на инспекциски служби, а исто толку сметаат дека постојниот модел е добар.

Ова го покажуваат резултатите од онлајн анкетата што во рамки на проектот „Локални инспекциски служби во интерес на граѓаните”,  ја спроведе НВО Инфоцентарот заедно со партнерските организации Спектар од Крива Паланка и Центарот на заедницата на општина Струга, во јуни годинава. Преку анкетата, спроведена анонимно беа собрани и синтетизирани искуствата на 96 локални инспектори за спроведувањето на Законот за инспекциски надзор (ЗИН) и другите закони поврзани со нивната работа, како и нивните предлози за подобрување на законската рамка, моделот на функционирање, самостојноста, ефикасноста и компетентноста на локалните инспекциски служби.

Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО-инфоцентар изјави дека локалните инспекциски служби се исклучително важна алка во системот за инспекциски надзор во државата, но за жал тие се секогаш во сенка на државните инспекторати. Целта на анкетата, како што рече, била се посочат бројните проблеми со кои се соочуваат локалните инспектори, но исто така да видиме кои се добрите страни од ЗИН, кои ја унапредиле нивната положба.

-Се уште постојат бројни предизвици кога станува збор за независноста на локалните инспекциски служби, посебно од центрите на политичка, партиска и економска моќ, потоа нивната ефикасност и слично. Од анкетата над 80 проценти од локалните инспектори сметаат дека треба да се усогласи ЗИН со законската регулатива. Над 70 проценти сметаат дека постојниот локален инспекциски надзор треба да се промени, дека не е доволно ефикасен, не обезбедува самостојност и речиси половината се залагаат за регионален концепт, а близу една четвртина се за централизиран концепт. Исто така над 80 проценти од локалните инспектори сметаа дека во нивните општини или не е доволно или воопшто не е екипирана инспекциската служба, а дополнителен проблем е и што не се доволно опремени. Денешниот голем интерес на локалните инспектори покажува дека час поскоро државните институции треба да направат реформи во насока на обезбедување интегритет, ефикасност и отпорност на корупција на локалните инспекциски служби, вели Бејкова.

Според Благоја Гешоски од Инспекцискиот совет на РСМ, резултатите од анкетата се очекувани, а иако Инспекцискиот совет нема директна надлежност да го следи работењето на локалните инспекциски служби информирани се за нивната кадровска екипираност. Тој нагласи дека по прв пат со Законот за инспекциски надзор од 2019 година локалните инспектори се опфатени и изедначени со државните во поглед на вработување, унапредување и стекнување со лиценца, бидејќи претходно тоа не беше случај и не се знаеше кој е инспектор во општината. Воедно, локалните инспектори се уште немаат обврски кон Инспекцискиот совет, како државните инспектори во поглед на програмски и извештајни документи кои што треба да ги изготвуваат и доставуваат.

-Она што мене ме загрижува е неможноста на дел од општините, посебно на помалите, да ја исполнат оваа можност која што им е дадена во Законот за локална самоуправа (ЗЛС). За жал ЗЛС има една несреќна одредба која што вели општината може да организира инспекциска служба, а нема одговор што во случај кога нема можност и нема да ја организира таа инспекциска служба. Тогаш граѓаните во тие општини не можат да ги остварат своите права, нема кој да го заштити ниту јавниот интерес, ниту интересот на поединецот, како на физичките така и на правните субјекти. Оттука, после, овој циклус на спроведени обуки, по сите плански региони немам дилема дека е потребно час поскоро да се отвори дебата и спроведе реформа во овој инспекциски систем и ние треба да одлучиме како држава дали локалните инспектори ќе бидат организирани на регионално ниво или сите треба да станат дел од државните инспекциски служби, како би добиле поефикасни и поефектини инспекциски служби на централно ниво, вели Гешоски.

Според него, со тоа нема да се наруши принципот на децентрализација бидејќи и понатаму, креирањето на политиките останува надлежност на локалната самоуправа и на градоначалникот, додека контролата би била централна и воедначена на цела територија на државата, бидејќи вели, во овие услови се случува да имаме за иста правна работа различно толкување од различни инспектори, во поедини општини што создава правна несигурност кај граѓаните и бизнис заедницата.

Горан Трајчевски поранешен раководител на градскиот инспекторат на Град Скопје се согласува дека е потребно што поскоро пристапување кон реформи и дека е потребна регионализација на локалните инспекции, со што според него инспекциската служба би станала понезависна и ќе има широк дијапазон на работа. За тоа вели постоел и пилот проект со претходниот градоначалник, но по изборите тој не бил спроведен.

-Идејата беше да се здружат сите десет скопски општини на едно место со градскиот инспекторат и да функционират заедно. Тоа ќе беше и моделот за окрупнување на инспекциските локални служби во регионални. Доаѓаме до неколку парадоксални ситуации, неодржливо е градоначалникот да има влијание да шефува со локалната инспекција. Не може ДУП-от, одобрението, градбата, маркицата да ја потпишува градоначалникот, а веќе наредниот ден да ја контролира неговиот инспектор. Оставаме можност за коруптивност, влијание кои треба да ги надминеме, вели Трајчевски.

Според Бобан Бојковски виш инспектор во Општина Куманово, Законот за инспекциски надзор требаше да се донесе бидејќи ги заштити општинските инспектори кои беа оставени на маргините, но исто така смета и дека е потребна реорганизација за поефикасно работење на инспекциските служби.

-Како општински инспектори ние сме на прва линија пред граѓаните кои очекуваат помош за сите нерешливи проблеми. Во ова време каде што нема системски мерки во одредени области за решавање на проблеми, ние не можеме да им објасниме на граѓаните дека ние не сме тие што креираме мерки, што ги решаваме проблемите. Напротив тоа се други институции кои ги донесуваат, а ние само ги контролираме дали се спроведуваат. Исто така граѓаните бараат брзо ефикасно решавање на нивните проблеми и не ги интересира која инспекција ќе им го реши проблемот. Вака ние, не по наша вина ги шетаме граѓаните – кај овој инспектор, кај оној инспектор, што создава сомнеж кај нив дека одредени проблеми не сакаме да им решиме. Мора да се направи реорганизација, каде граѓаните кога ќе дојдат со одреден проблем не го интерсира каде ќе оди таа пријава, едноставно на време да се излезе и да им се реши проблемот, вели Бојковски.

Анкетата за имплементацијата на Законот за инспекциски надзор е спроведена во рамки на проектот „Локални инспекциски служби во интерес на граѓаните”, поддржан од програмата ЦИВИКА Мобилитас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот