АНИМА МУНДИ: Шилегов во ЈП „Лајка“ напикал партиски војници

Иако градоначалниокот на Скопје, Петре Шилегов, ветуваше дека во новото јавно претпријатие „Лајка“ за третман на бездомните животни ќе бидат вклучени невладините организации, сепак, во одлуките кои денес треба да се најдат на гласање во Град Скопје, за членови на Управниот и Надзорниот одбор се предложени партиски активисти и членови на здружение кое е формирано пред само два месеца, реагира Здружението за заштита на животните „Анима мунди“.

Тие потсетуваат дека постојат 10 години и континуирано вложуваат напори за надминување на проблемот со бездомните животни, но не биле ниту контактирани, ниту консултирани ниту, пак биле поканети да предложат соодветни лица за управните и надзорните структури во новоформираното јавно претпријатие.

„Како што е наведено во одлуките кои треба да се разгледуваат денес, од активистите од невладиниот сектор со искуство од сферата, Градот предлага членови од организација формирана на 21 март 2019 година, на кои пројавениот ентузијазам за оформување позитивни општествени промени временски им коинцидира со периодот на формирање на ЈП Лајка. Градоначалнику Шилегов, немаме ништо против никого, не нè изненадува што во управните и надзорните одбори си предлагате и ставате ваши подобни и/или партиски луѓе, но не го ставајте активизмот во уста напразно и лажно! Приказната дека Вардариште е на активистите е манипулација и лага. Ова се некои ваши активисти кои сега првпат стапнуваат во Вардариште, велат од „Анима мунди“.

Меѓу предложените членови на Управниот одбор на ЈП „Лајка“ е Мери Николова, сопругата на Агрон Буџаку, поранешен амбасадор во Франција. На листата има двајца активисти за заштита на животните, а за претседател на Управниот одбор се предлага Никола Савовски од СДСМ.

За членови на Надзорен одбор се предлагаат Фатмир Арифи, Радица Тодоровска-Алексовска и Сакип Аџами.

На листата нема ниту еден член на некое од постоечките долгогодишни здруженија за заштита на животните.

Советот на Град Скопје во февруари годинава ја донесе одлуката за формирање јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни „Лајка“.

Во продолжение реакцијата на Анима Мунди:

„ГРАДОНАЧАЛНИКУ ШИЛЕГОВ, ВИ СЕ ОБРАЌАМЕ ЈАВНО – немаме ништо против никого, не не изненадува што во управните и надзорните одбори си предлагате и ставате ваши подобни и/или партиски луѓе, но не го ставајте активизмот во уста напразно и лажно! Приказната дека Вардариште е на активистите е манипулација и лага. Ова се некои ваши активисти кои сега прв пат стапнуваат во Вардариште.

Лажни се сите „добронамерни” мотиви на Градот Скопје, со оглед на тоа што утре заседава Советот за именување претседател и членови на Управниот и Надзорниот одбор на ЈП Лајка- Скопје, а здружението Анима Мунди кое постои 10 години и дејствува во континуитет, мобилизира активисти, кое спасува, стерилизира, вдомува и лекува улични животни, кое има публикувана повеќегодишна Стратегија за надминување на проблемот со бездомните кучиња со која ќе се гарантира јавната безбедност и здравствена заштита на населението НЕ Е НИТУ КОНТАКТИРАНО, НИТУ КОНСУЛТИРАНО НИТУ ПАК ПОКАНЕТО ДА ПРЕДЛОЖИ СООДВЕТНИ ЛИЦА ЗА УПРАВНИТЕ И НАДЗОРНИТЕ СТРУКТУРИ.

Како што е наведено во одлуките кои треба да се разгледуваат утре, од активистите од невладиниот сектор со искуство од сферата, градот предлага ЧЛЕНОВИ ОД НОВОФОРМИРАНА организација Biker Paws (21 март 2019 година), активисти кои не ги познаваме, НА КОИ ПРОЈАВЕНИОТ ЕНТУЗИЈАЗАМ ЗА ОФОРМУВАЊЕ И ПОЗИТИВНИ ОПШТЕСТВЕНИ ПРОМЕНИ ВРЕМЕНСКИ ИМ КОИНЦИДИРА СО ПЕРИОДОТ НА ОФОРМУВАЊЕ НА ЈП ЛАЈКА.

Со исклучок на Теона Георгиевска која е активист кој подолг период спасува кучиња од Вардариште, спорен е предлогот на секој од наведените лица.

 

Ние нема да дозволиме новоформирано здружение со искуство од неполни 2 месеца да биде некакво покритие со кое ќе демонстрирате лажна отвореност кон граѓаните и подготвеност за соработка!

Нема да дозволиме нечие неискуство, недоволни знаења или дискутабилни намери бидат параван за утрешниот неуспех да биде припишан на граѓанскиот сектор!

Долгогодишните активисти за права на животните и се единствени кои ја познаваат оваа проблематика и имаат капацитет и ентузијазам да го стават проблемот под контрола а потоа и решат. Тие со сите сили се борат за животните и кога е потребно за нив излегуваат на улица.
Вие одлучивте да демонстрирате сила и ја покажете вашата умисленост дека умеете и знаете се.

Анима Мунди како здружение кое бесплатно ви го стави на располагање своето искуство и знаење го исклучивте свесно и наменски.

Вам ќе ви биде припишан секој неуспех, кој е речиси сосема извесен.

Ова е една комплексна и деликатна област; горечки проблем кој опфаќа живи битија и ги засега сите, и животните и граѓаните. Жителите на град Скопје немаат време за вашата генерална проба. А ние немаме никаква доверба во Вашите добри намери и будно ќе го следиме секој чекор на надлежните служби кои сте ги поставиле по личен избор. На крајот секој за стореното ќе сноси одговорност, во тоа бидете уверени“, порачуваат борците за зашита на животните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот