Анѓушев: Имав закани за „ФЕНИ“, дали мотивите на Тасева беа лукративни?

Универзитетскиот професор и бизнисмен Кочо Анѓушев, во интервју за најновиот број на неделникот Фокус, тврди дека трпел притисоци и дека добивал закани во периодот додека се спроведуваше стечајната постапка на „ФЕНИ“, односно денешен „Еуроникел Индустри“, кога тој беше вицепремиер за економија.

–Имаше многу притисоци, но покажавме интегритет да не се подлегне на притисоците. Некогаш е тешко да се слушаат навреди и невистини, но треба да издржите. Јас за сите непристојни понуди едноставно не сакав да разговарам, а притисоци доаѓаа дури и до мои деца. Се закануваа по безбедност по деца, кои студираа во странство. Тоа беше лошо, ми правеше немир, но човек со интегритет треба да издржи сѐ – вели Анѓушев.

Според него, стечајот на комбинатот од Кавадарци е успешна приказна.

–Ние како влада бевме загрижени и гледавме тој процес да биде законски и баравме инвеститори кои ќе се јават во таа судска постапка да ги намират побарувањата од 72 милиони евра, од кои 42 милиони евра беа долгови кон македонски банки. Не знам дали сме свесни, ако банките ги изгубеа тие пари, што ќе беше, тие пари се пари на граѓаните. Ситуацијата беше скоро панична, иако ние таа паника не сакавме да ја шириме – посочува Анѓушев.

Одговарајќи на обвинувањата дека стечајот се одвивал незаконски, кои ги адресираа другите заинтересирани компании, како и невладината „Транспаренси Интернешнл“ на Слаѓана Тасева, Анѓушев вели:

„Г-ѓата Слаѓана Тасева доби тужба за сите тие клевети што ги изговори и на суд ја изгуби тужбата. Јас не ја тужев зашто како вицепремиер морав да бидам поширок и со разбирање за сите обвинувања, но компанијата ја тужеше и ја доби таа тужба. Јас не можам да тврдам, но еве јас ја прашувам г-ѓата Тасева, дали се лукративни мотивите? Имаше доста заинтересирани страни што сакаа да ја земат компанијата за 27 милиони евра, за 40 милиони евра…“.

Видео на денот