Ангеловска: Подготвена е листата на граѓани кои ќе добијат домашна платежна картичка

Граѓаните можат да проверат дали се добитници на платежна картичка од владата на сајтот kupuvamdomasno.gov.mk, но сајтот во моментов не функционира.

Секој граѓанин од денеска може да провери дали ќе користи домашна платежна картичка со пари од државата. Списоците на корисниците согласно дефинираните критериуми со владината Уредба се изготвени и конечната листа е објавена на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk, а веќе се печатат и првите картички и наскоро ќе почнат да се издаваат на корисниците, соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска.

Банките ќе почнат да ги доделуваат картичките од крајот на оваа недела, а сите картички ќе треба да бидат издадени најдоцна до 18 јули и искористени најдоцна до 15 август.

– Заведени се вкупно 324.479 корисници на листата за Домашна платежна картичка и согласно тоа мерката ќе чини 28 милиони евра, поточно 27,8 милиони евра. Со овие средства ќе се поддржат таргетираните категории граѓани, ќе се поттикне потрошувачката на домашни производи и услуги и преку вбризгување на 28 милиони евра ќе се поттикне економската активност. Ова ќе придонесе за ревитализирање на македонската економија во услови на Ковид-19-истакна министерката Ангеловска.

Министерката посочи дека издавачи на Домашната платежна картичка се НЛБ Тутунска Банка, Стопанска Банка-Скопје, Комерцијална Банка, Халк Банка, Шпаркасе Банка, Охридска Банка, УНИ Банка, Централна Кооперативна Банка и Силк Роуд Банка, односно оние банки што изразија интерес за учество.

Граѓаните се веќе распределeни во банките, а во првата група 113.927 граѓани кои ќе добијаат 9.000 денари – се лицата со низок доход, приматели на социјална помош и невработени кои активно бараат работа до 22 мај 2020, а кои оствариле нето доход не поголем од 180.000 денари или од јануари до април доход не поголем од 60.000 денари

Во втората група се 117.144 лица кои ќе добијат по 3.000 денари на домашна платежна картичка. Тоа се вработени кои од јануари до април имаат доход не поголем од 60.000 денари.
Трета група се средношколците и студентите кои добиваат по 3.000 денари. Тоа се лица кои наполниле 16 години, а не се постари од 29 години.

Четвртата група се здравствените работници кои беа ангажирани за борбата со справување со Ковид-19. Овде спаѓаат 4.394 лица кои ќе добијат 40 отсто од платата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот