Ангела Стојановска: Чувството да се биде толку многу различни луѓе во еден живот е ослободувачко

Ангела Стојановска
Ангела Стојановска / Фото: Драгица Николовска

Kако што стареам, ми станува сè попримамливо да се обидам што помалку да глумам, дури и на сцена. Знам дека ова звучи контрадикторно, но мислам дека токму тоа му недостасува на нашиот театар.

Независната актерка Ангела Стојановска се обидува да направи разлика во општеството и успева во тоа. По дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, работи на најразлични проекти поврзани со уметноста.

Неодамна ја воодушеви публиката со нејзиниот перформанс „Срам“ во кој е опфатен односот кон женското тело, храната и сликата за себеси која општеството се обидува да ни ја наметне. Дел е од првата платформа за аудио книги кај нас „Самоглас“. Стојановска е дел и од иницијативата „Аудиција СЕГА!“ со која се бара спас за невработените театарски работници.

Што те нурна во светот на актерството? Како се роди твојот интерес за оваа форма на уметност?

– Бев премногу срамежлива девојка, во средно училиште тоа буквално стана неподносливо. Мартин, еден од моите најдраги пријатели, реши да ме покани да бидам дел од една аматерска претстава. Така започна сè. Со втората аматерска претстава отидовме на ДАФ во Кочани, добивме награди и во автобусот кон Куманово јас и Мартин го направивме ФДУ-пактот. Пактот се состоеше во тоа дека одиме на ФДУ, нè примаат (во овој дел бевме многу уверени) и целиот живот се занимаваме со театарска уметност (ова е дискутабилно, секоја година се повлекуваме од и се враќаме кон театар).

Прво нешто што веруваме повеќето од нашите читатели би сакале да дознаат е како е чувството да се биде толку многу различни луѓе во еден живот? Повеќето луѓе се борат и со само еден профил на личноста…

– Ослободувачко. Чувството е неверојатно ослободувачко. Јас и моите колешки и колеги ја имаме привилегијата да зборуваме отворено за работи со кои можеби се согласуваме, можеби и не, и сето ова пред публика. Ние ја имаме неверојатната можност да анализираме ликови и да се обидеме да дознаеме зошто ги прават работите кои ги прават. Мислам дека тоа нè претвора во подобри луѓе. Замислете си вашето време да го користите за да пробате да сфатите што ги поттикнува луѓето да прават, понекогаш, незамисливите работи, па да најдете начин тоа да го оправдате за да може да го изиграте пред публика. Но, како што стареам, ми станува сè попримамливо да се обидам што помалку да глумам, дури и на сцена. Знам дека ова звучи контрадикторно, но мислам дека токму тоа му недостасува на нашиот театар.

Ангела Стојановска
Изведба на „Срам“ / Фото: Драгица Николовска

Твојот авторски перформанс „Срам“ веќе неколку пати те враќа пред твојата публика. Што е срам за тебе и како се ослободи од него?

– За мене срамот е движечка сила. Сфатив дека срамот е, всушност, страв од тоа дека нема да бидам сакана и прифатена. Ми требаше време да престанам да го доживувам само во таков негативен контекст зашто, од друга страна, срамот ме натера да одам на ФДУ, ме натера одново да ја откријам комичната страна кај себеси и зашто на крајот, срамот е тоа што ме прави слободна. Мислам дека не можам и не треба да се ослободам од него, она во кое успеав е да не дозволам да ме парализира. Се трудам да ги правам сите нешта од кои ми е срам и со тоа го намалувам стравот којшто произлегува од истите тие нешта.

Во април имавме можност да се смееме на твоето стендап излагање во рамки на „Скопје комеди“. Ти беше единствена жена коja настапи таа вечер. Раскажи ни, како ти го перцепираш стендапот? Зошто жените потешко се охрабруваат да ја одберат оваа професија?

– Таа вечер никогаш нема да ја заборавам. Со недели се мислев дали да се пријавам. Памтам дека Јуле, една од организаторите, беше многу среќна што конечно имаат жена во рамките на „open mic“. Застанав пред микрофонот и во текот на тие 10 минути сфатив дека јас можам да го правам ова. Јас имам 28 години, а само пред три почнав да се заигрувам со комичното. Не се доживував себеси како некоја која може да биде смешна пред публика. Мислам дека тоа е една замка, за актерките и актерите, во која се паѓа на факултет. Кај мене било: „Аха, јас можам да играм доминантни жени, милни мајки и по некоја вештерка“ и толку. По студиите ми требаше време да се оттргнам од стереотипните улоги кои си ги имав наметнато. Сум зборувала со некои мои колешки за тоа зошто не се впуштаат во овие води и сме заклучиле дека ако излеземе ние, како жени, и ја кажеме истата „смешка“, како некој наш колега маж, публиката повеќе ќе се смее на нивната отколку на нашата. Се разбира дека генерализирам, се разбира дека има исклучоци, но на Балканот (да не одиме подалеку) како жени, сè уште се бориме со тоа дали она што ние имаме да го кажеме е вредно и треба да се чуе. Се учиме на еднаквост, се обидуваме да ја раскршиме таа воспитаност и да излеземе од поставените норми на „добра девојка“.

Што мислиш за комедијата во време на „cancel culture“? Постојат ли забранети теми и/или шеги во твоето изразување?

– Дури и да ја тргнеме комедијата на страна мислам дека „cancel culture“ е една од најтоксичните работи на денешното време. Замислете си, се собира група на луѓе, условно, со целата надменост и убеденост во сопствените морални вредности и си дозволува „да убие“ некој друг. Како во вакви околности може да се гордееме со слобода на говор? Сфаќам дека има многу сиви зони во земја како нашава, апсолутно ми е јасно дека во корпуцијата во која живееме моралот е многу дискутабилна вредност, дополнително ние како заедница сме неедуцирани, но затоа, токму затоа комедијата мора да ја има и дава целосната слобода. Покрај тоа што би требало да насмее, комедијата има и една задача на која не смееме да заборавиме – да едуцира.

Ангела Стојановска
Настап на Ангела Стојановска – Импров група „Настап“: Фото: Јани Патче

Настапите пред публика дури и за најискусните актери честопати знаат да предизвикаат непријатност. Дали и тебе некогаш те обзема несигурност и како се справуваш со тоа?

– Не некогаш, туку секогаш! (се смее). Во однос на справувањето, пред било кој настап се загревам физички и си го размрдувам говорниот апарат – тоа ми дава сигурност, ме смирува, се потсетувам дека не ми е првпат да излезам на сцена и со секое наредно излегување знам дека сум сè поподготвена и поподготвена за снаоѓање во непредвидливи ситуации. И за крај, знам дека дури и да не сум доволно добра, најлошото нешто што може да го направам е „да ја убијам“ публиката од здодевност, а да бидеме искрени, тоа и не е толку страшно – ќе преживеат.

Што според тебе ѝ недостасува на македонската (актерска, филмска, комеди) сцена?

– Новитети. Мислам дека недостасуваат нови лица и нови теми за обработка.

Ангела Стојановска
Подготовски за „Срам“ / Фото: Драгица Николовска

Дали можеш да ни предложиш некој стенд ап, комедија, филм?

– Стенд ап имињата на кои постојано им се навраќам се Даниел Слос, Хана Гадсби и Али Вонг. „RuPaul’s Drag Race“, една од најзабавните работи кои се креирани, е за одбрана публика, но таа драматичност е невидена и ме прави неизмерно среќна. „After Life“ на Рики Џервејс e прекрасна серија, а „Brooklyn Nine-Nine“ е уште една која отсекогаш ме забавувала. Во однос на комедијата на филм, сè ми е некако предвидливо, последната комедија којашто ја гледав е „The Lost City“ со Сандра Булок. Сандра е ѕверка, мислам дека Холивуд не ја вреднува доволно.

Кои се твоите идни планови? Што можеме да очекуваме следно од тебе?

– Последниве неколку години со моите колеги Христијан и Васко работиме на „Самоглас“, првата платформа за аудио книги кај нас, дел од плановите ми се поврзани баш со тоа. „Аудиција сега“ е една иницијатива преку која обединивме голема група на невработени театарски уметници, преку истата се обидуваме да подобриме некои работи во нашата сфера и да решиме дел од проблемите во македонскиот театарски свет. Пред некое време им се приклучив на Импров група „Настап“, во моментов работам на „Арт“, дипломска претстава на еден мој колега од театарска режија. Во јули гостувам на „Д Фестивал“ со „Срам“, летово работам на Македокс, од септември започнувам со работа на „Скопјани“, нов театарски проект и во текот на сето ова погоре имам работа со половина работно време. Се трудам да не заборавам да дишам и да не мислам дека светот ќе го снема ако паузирам со работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот