Анализа: Пандемијата имала поголемо негативно влијание врз жените

Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за труд и социјална политика денеска, по повод Меѓународниот ден на жената, објавија анализа, поддржана од Мисијата, за влијанието на пандемијата ковид-19 врз родот и различностите. Анализата покажува дека пандемијата и одговорот на истата имале несразмерно поголемо негативно влијание врз жените во сите области и кај сите возрасни групи.

Според студијата, како што соопшти Мисијата на ОБСЕ во Скопје, по затворањето на училиштата и градинките, веројатноста мајките да ја преземат улогата на главна негувателка е 70 проценти поголема отколку кај татковците.

– Доколку не биде соодветно адресирана од насочени владини политики, кризата создадена од пандемијата ковид-19 дополнително може да ги зголеми нееднаквоста, исклучувањето и дискриминацијата. Жените општо и ранливите групи како што се Ромите, самохраните мајки, лицата со попреченост и особено руралните жени се најпогодени, рече Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за време на онлајн настанот.

Пандемијата, според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, не беше пречка, напротив беше предизвик, да се донесат два клучни закони кои во голем дел ја тангираат токму жената, односно Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

– Ова е доказ дека жените се најмоќни кога се сплотени. Останува уште многу да се работи, и во полето на елиминирање на дискриминацијата на пазарот на трудот и обезбедување на родово-одговорното буџетирање, но пред сè е предизвикот да се избориме со пандемијата и да се прилагодуваме на новото нормално, рече Шахпаска.

Анализата, достапна на https://www.osce.org/mission-to-skopje/480401 е развиена заедно со Центарот за истражување и креирање политики и гражанските организации Радар, Полио Плус, Рурална коалиција и Националната мрежа против насилството врз жените и семејно насилство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот