Анализа на ЕПИ на извештајот на Европската Комисија: Разнишани темели на преговорите

Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) анализира дека во однос на минатата година, оценката за подготвеноста за преземање на обврските од членството е повисока само во едно поглавје. Според ЕПИ, ова е очекувано, ако се земе предвид пристапот на Комисијата во изминатата декада. Оценките за напредокот, како што пишува во анализата, се послаби од минатата година, па наместо „одреден напредок“, доминантна оценка е немање напредок или „ограничен“ напредок.

Во кратката анализа на извештајот на Европската Комисија за Македонија насловена „Разнишани темели на преговорите“, ЕПИ оценува дека тоа што треба особено да нè загрижи се оценките во правосудството и борбата против корупцијата како клучни области од кои зависи целокупниот тек на преговорите како дел од кластерот Темели.

– Од една страна, ние како држава континуирано го потенцираме своето високо ниво на усогласеност со законодавството на ЕУ. Оваа општа стагнација и во комбинација со недостатокот на напредок во поглавјето 23: правосудство и фундаментални права го поткопува тој аргумент кој го користат поддржувачите на нашата ЕУ интеграција. Од друга страна, долгоочекуваниот План за раст, кој го објави Комисијата оваа година, директно го условува напредокот во реформите со достапноста на поддршка од ЕУ, поради што наодите од извештајот оваа година би требало да се сфатат особено сериозно – велат од ЕПИ.

Во процената на политичките критериуми, Комисијата се осврнува на влијанието на политичката поларизација врз функционирањето на демократските институции. Од Институтот велат т дека политичката поларизација во Собранието е дополнително потенцирана во контекст на одложување на донесувањето на значајни реформски закони и други важни обврски, вклучително назначувањето членови на независните тела.

Овие процени се исклучително значајни во однос на мерките што државните институции ќе ги планираат во соодветните патокази за овие области. Во овој дел, Комисијата се осврнува на активностите поврзани со уставните амандмани од формален аспект, се наведува во анализата.

Законската рамка за организирање демократски избори е соодветна, во однос на лани, кога беше забележан ограничен напредок во исполнувањето на преостанатите препораки на ОДИХР и Венецијанската комисија, во овој извештај, од ЕПИ велат дека Европската Комисија констатира дека нема напредок во однос на нивното исполнување.

Додека ЕК ја признава декларираната посветеност на Владата кон европската агенда, исто така укажува дека таа треба да ја интензивира својата работа со цел унапредување на реформите за членство во ЕУ. Исто така, Владата треба да ги зголеми своите напори за да го нормализира ангажманот на граѓанското општество во приоритетните области, како и во консултативните активности, а Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество да продолжи со своите активности, додаваат од ЕПИ.

Во анализата се вели дека сериозно треба да нè загрижи недостатокот на напредок во Поглавјето 8: Политика на конкуренција од 2015 година. Препораките за зајакнување на административниот и финансискиот капацитет на Агенцијата за заштита на конкуренцијата и зголемување на транспарентноста на доделувањето на државната помош сè уште не се адресирани.

Напредок во поглавјата што директно влијаат на стекнување придобивки од Планот за раст за Западен Балкан е клучен,
доколку сакаме да постигнеме блиска интеграција со Единствениот пазар на ЕУ. Процените за подготвеност и напредок во овој кластер се врзани со обврските на членство во заедничкиот пазар на ЕУ, но и во Заедничкиот регионален пазар, на кој ЕК посветува особено внимание, велат од ЕПИ.

Светла точка во овој извештај е економската и монетарна политика за која ЕК утврдува зголемување на нивото на подготвеност.

Од друга страна, како што пишува во анализата, потребни се повеќе напори во областите каде што е постигнат ограничен напредок, како што се информатичкото општество и медиумите, царинската унија и образованието и културата.

Првпат по 2019 година бележиме ограничен напредок во поглавјето Царинска унија. Комисијата посочува на задоцнувањата во напредокот во имплементацијата на Новиот компјутеризиран транзитен систем и потребата целосно да се имплементираат ИТ-системите, а нема забелешки на административните и оперативните капацитети, ниту во однос на спроведување на стандардите за интегритет и антикорупција за Царинската управа.

Во Поглавјето за Јавни набавки, ЕПИ анализира дека ЕК изразува загриженост за договорот со „Бехтел и Енка“, кој е изземен од постапката по Законот за јавни набавки, оценувајќи дека е во спротивност со „други прописи“ и со меѓународни обврски.

Исто како и во минатогодишниот извештај, ЕК ја оценува земјата како умерено подготвена, но има ограничен напредок во делот на Јавни набавки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот