Аналитичари: Притисокот за борба против корупцијата мора да продолжи

Корупција

Доколку има сомнеж за криминал и корупција на политичари и други носители на јавни функции институциите треба тоа да го истражат и правдата да ја види светлината на денот. Аналитичарите се децидни дека демократската јавност не смее да се откажува од иницијативи и да не се плаши од одмаздата.

Според аналитичарот Петар Арсовски, ставањето на некои личности на црната листа на САД ќе се покаже како ефикасен инструмент за локалните истражни органи и има значење дека никој не е недопирлив.

„Ова за нашата правда е пораз оти некој друг треба да ни каже кој е корумпиран. Ако САД можеле да дознаат кој е корумпиран, тоа го можеле и нашите служби. И по сегашните закони, по допрен глас, ОЈО може да покрене обвинение, барем на симболично ниво да ги отвори завесите на корупцијата во македонското судство. Ние се надеваме дека друг ќе ни ги реши проблемите“, вели аналитичарот Петар Арсовски во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.

Откако се прошири црната листа со најновите имиња, Стевчо Јакимовски и Катица Јанева, аналитичарите коментираат дека мотивите на САД се добри и дека како општество можеме да имаме бенефит доколку повеќе се насочиме кон борбата против корупцијата.

„Немам дилема за тоа што го објавиле Стејт департментот. Тужби можат да се поднесуваат, тоа е легитимно, но тука не станува збор за тужба поднесена во САД туку во друга земја. Овие списоци ќе влијаат врз одредени луѓе, но САД тоа не ги интерсира, нив ги интересира оваа земја да се оправи. Верувам дека се добри нивните мотиви, а ако има сомнеж за  домашни актери тоа ќе се истражи. Исто така верувам дека ова ќе продолжи а ние како општество ќе имаме само бенефит да суетиме некои личности кои нам ни прават штета“, вели за ТВ 24 аналитичарот Алберт Муслиу.

Инаку, претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски денеска до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против непознат сторител во врска со ставањето на неговото име на „црната листа“ на американскиот Стејт департмент.

Стејт департментот пак уште еднаш потврди дека имале сериозни докази за криминалот на Стевчо Јакимовски и вмешаноста во коруптивни дејствија на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.

САД постојано предупредуваат дека во Македонија еден од поголемите проблеми е корупцијата и земјата мора да преземе сериозни мерки за сузбивање на оваа појава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот