„Алшар“ – 13 години успешна, автентична македонска приказна

силвија алшар
Фото: Принтскрин / Instagram

 Име кое се памети исто како и нејзините дизајни – не случајно македонската дозајнерка Силвија Михајловска го одбрала називот „Алшар“ за име на свој бренд. Нејзините дизајни кои ги создава веќе тринаесет години се токму онакви како ретките минерали на истоимениот македонски рудник. Деновиве си го слави својот креативен роденден.

Вљубена во својата работа за неа не постоел компромис за тоа што сака да биде и што сака да работи. Уште од најрана возраст била посветена на изучувањето на модата и уметноста, а имала среќа мошне рано да си ги открие сопствените афинитети и талент.

„После студиите и неколку години работа, во 2008 година го отворив моето модно ателје и го создадов брендот „Алшар“. Најголемиот компромис или предизвик со кој уште од почетокот се соочив беше принципот на работа – да се направат одлични дизајнерски креации од висококвалитетни ткаенини и изработка, кои ќе бидат достапни за нашите купувачи. Тоа практично значи прочистување на дизајнот и создавање на уникатни и квалитетни креации со пристапни цени, соодветни за условите во кои работиме. Сепак, покрај овие колекции, брендот „Алшар“ најдобро е претставен преку посебни дизајнерски колекции што ги правам неколкупати во годината и се прикажани преку ревии или фотосесии. Овие колекции се инспирирани од уметност, музика, филмови, сипкултура, графити, уметници и следат некоја посебна приказна, која ме инспирирала во моментот. Независно од моменталните трендови, составени се од безвременски комлексни уникатни креации со многу рачни доработки, кои се често рачно досликани. Учеството на Модниот викенд и слични настани создаде можност да ја претставам мојата работа во вистинско светло, можност каде што бескомпромисно може да се покаже целото знаење и талент и да се направат раскошни дизајнерски креации, кои ја дефинираат мојата работа како дизајнер“.

Дизајнерската работа изискува постојано чекорење нанапред без здивнување, а погледот наназад само убедливо говори за огромен напредок во нејзината работа и покрај скромниот почеток и првичното неискуство за водење бизнис. Настрана од фактот дека е етаблирано и препознатливо име на македонската модна сцена, покрај специфичниот, себесвојствен начин на функционирање и опстојувањето во специфични услови, само по себе е успех.

„Со годините создадов принципи на работа, одличен тим од соработници, а квалитетот го подигнавме на највисоко ниво и во однос на дизајнот и во однос на изработка и на материјалите. Секако, ова е работа во која постојано треба и да се учи и да се применуваат нови принципи, да се следат актуелните случувања и трендови и да се имплементираат во работењето. Очекувањата се секогаш високи и покрај ограниченоста на можностите во оваа средина, која сепак во последниве години ја издигна модата во Македонија на многу повисоко ниво.“

Оптимист по природа, нејзиното искуство говори за постојан напредок и видлива надоградба, која се должи на посветена работа, истрајност, талент, многу труд и безизмерна љубов, се разбира. Магичната формула за видливиот успех.

„Последните години се разви свеста за модата и севкупно домашниот дизајн кај нашите купувачи. И покрај кризата, кога ќе понудите квалитетен производ, во секоја смисла интересот е очекувано голем. Има многу талентирани колеги и многу млади дизајнери со свежи идеи… Се надевам дека сите заедно ќе придонесеме за развој на модата и дизајнот на овие простори“.

 

„Тринаесет години имам сопствен моден бренд и студио (ателје) за продажба на моите дизајни. Низ годините се соочував со најразлични предизвици кои успевав успешно да ги надминам со текот на времето“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот