Алиоски: Зошто да не играме на Мундијалот во Катар, подобри сме од Романија и Исланд

Фото: ФФМ

Македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски во интервју за официјалната интернет страница на ФИФА, вели дека следна цел на репрезентативците е пласман на Светското првенство во Катар 2022 година. Македонија летово за прв пат во историјата ќе биде дел од Европското првенство, но популарниот Џани смета дека идната година репрезентацијата може да биде дел и од Мундијалот.
– Како и секое дете кое расте, така и јас сонував за настап во Лигата на шампиони, Европското првенство или Светското првенство. Сега Лигата на шампиони и Светското првенство се следните мои цели. Откако ја победивме Германија, треба да веруваме дека можеме да дојдеме до таму, според моето мислење ние сме подобри од Романија, Исланд и од другите тимови во групата. Па зошто да не? Пласман на Светското првенство е следниот чекор што Македонија треба да го направи – вели Алиоски кој ја открива тајната за победата над Германија.

– Ние навистина верувавме дека можеме да ја победиме Германија. Заминавме таму со голем респект, знаејќи дека играме против четирикратени светски шампион чиј фудбалери играат во најголемите клубови. Тим како нашиот знае да одигра добро против големи репрезентации, веќе имавме едно реми против Италија, па си рековме, „Зошто не и против Германија?“. Видовме дека имаат проблеми во играта на некои претходни натпревари, бевме самоуверени дека можеме да извлечеме барем реми. Иако имаа голем посед на топката, немаа премногу удари кон нашиот гол. Игравме добро тактички, се боревме како тим и игравме со карактер и со срце. Верувам дека ја заслуживме победата. Самиот факт што можам да го кажам тоа покажува колку напредувавме овие години. Нашата федерација заслужува честитки, како и нашиот селектор, кој не водеше и постојано веруваше во нас.

Алиоски кој заедно со Елмас, Барди треба да бидат носителите на репрезентацијата во иднина, односно по повлекувањето на капитенот Горан Пандев. Фудбалерот на Лидс е импресиониран од Пандев и што капитенот прави за своите колеги.
– Понекогаш го погледнувам и не ми се верува дека овој човек има 38 години. Замислете да беше 10 години помлад, можеби ќе ја освоеше ‘Златната топка’. Тој е неверојатен играч. Не само поради квалитетот и искуството, тој исто така е фантастична личност. Со начинот на кој се однесува пред сите нас, никогаш нема да помислите дека ја има освоено Лигата на шампиони и уште многу големи работи во кариерата. Не се однесува како ѕвезда, ако имате некој проблем, тој секогаш е тука за вас да помогне. Доаѓа нова генерација, но никогаш нема да има легенда како Пандев во оваа генерација. Тој има дадено толку многу за овој национален тим и за земјата, што сите ние се угледуваме на него. Навистина е прекрасно што конечно ќе може да учествува на еден голем турнир по толку многу години – вели Алиоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот