Ахмети во декември организира голем протест во Скопје за поддршка на лидерите на ОВК
Мариела Трајковска
Пред
Протестот треба да биде завршница на собирите што претходно се одржаа во Приштина, Тирана и во Стразбур, а на кои ветераните на ОВК и на УЧК, како и граѓани изразија масовна поддршка на поранешните водачи на ОВК, на кои Судот во Хаг им суди за воени злосторствата извршени на Косово
Голем протест во Скопје за поддршка на поранешните лидери на косовската ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – ќе организира лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Протестот во Скопје треба да биде завршница на протестите што претходно се одржаа во Приштина, Тирана и во Стразбур, а на кои ветераните на ОВК и на УЧК, како и граѓани изразија масовна поддршка на поранешните водачи на ОВК, на кои Судот во Хаг им суди за воени злосторствата на ОВК извршени на Косово.
Протестот во Скопје Ахмети го договорил со организацијата на ветераните на ОВК од Косово.
– Претседателот Ахмети во својство на еден од основачите на ОВК во Косово и на ОНА во Македонија, со ветераните на ОВК ќе организираат голем протест во Скопје во првата половина на декември. Протестот ќе се одржи на плоштадот Скендербег. На протестот, насловен „правда за ослободителите“, се очекува да дојдат ветерани на ОВК и на ОНА, како и граѓани за поддршка на поранешните водачи на ОВК кои се невини, и очекувањата се дека за нив ќе има ослободителни пресуди. Впрочем, и поранешниот американски генерал Весли Кларк сведочеше во одбрана на поранешните лидери на ОВК – велат од ДУИ за „Слободен печат“.
Протест за поддршка на лидерите на УЧК Тирана Фото: Фејсбук Ахмети
Во организацијата на скопскиот протест, освен Ахмети се очекува да учествува и Здружението на ветераните на ОНА, предводено од Фазли Велиу, вујко на лидерот на ДУИ, но не и Здружението на воените ветерани на ОНА на Бесим Хода. Хода за „Слободен печат“ вели дека ќе учествува на протестот во Скопје, а ако биде побарано од него, ќе биде и дел од организацијата.
– Сите здруженија ќе бидеме на протестот за мирно и чесно да ги поддржиме водачите на кои сега им се суди во Хаг. Секој што мисли дека неправедно им се суди, а јас мислам така, е добредојден – вели Хода.
Најавата за протестот во Скопје стаса од Косово, по средбата на Ахмети со претставници на Организацијата на косовските воени ветерани. Според објавата на Фејсбук, на состанокот биле разгледани актуелните прашања што ги засегаат Албанците во регионот, како и понатамошните чекори во контекст на спротивставување на неправдите што, според организаторите, им се нанесуваат на поранешните воени ветерани и на албанските граѓани. Соговорниците се согласиле следниот протест „против неправдата“ да биде организиран во Скопје, како продолжение на општествената и политичката мобилизација. ОВК-УЧК соопшти дека протестот има за цел да биде инклузивен и мирен и ги покани граѓаните Албанци и организациите да учествуваат.
„Денеска го пречекавме г. Али Ахмети, еден од основачите на ОВК и Народноослободителната армија и лидер на Албанците. Заедно разговаравме и договоривме следниот протест против неправдата да се одржи во Скопје“, пишува на Фејсбук.
Претходно, масовни протести се одржаа во Приштина, Тирана и во Стразбур. На протестот во Стразбур, според албански медиуми, присуствувале околу шест илјади Албанци.
Собраните пред Собранието на Советот на Европа извикуваа слогани за поддршка на поранешните лидери на ОВК. Ветерани на ОВК испратиле 285 писма до секој член на Собранието на Советот на Европа, изразувајќи ја својата загриженост за процесот на судење на поранешните лидери на ОВК пред Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг.
Протест Тирана Фото: Фејсбук Ахмети
Ахмети не присуствуваше на протестот во Стразбур, но преку Фејсбук порача: „со ум и срце, сум до моите сонародници кои ќе протестираат во Стразбур, каде што започна големата неправда против УЧК и албанскиот народ, пред Парламентарното собрание на Советот на Европа“.
„Овој суд не суди за тоа што е основан, туку врз клеветата на Србија измислена од Русија. Нивната невиност ја потврдија нашите американски и европски пријатели во Хаг, затоа, ослободете ги нашите момчиња! Неправдата мора веднаш да престане, целиот албански народ се залага за правда за светоста на нашата ослободителна војна“, напиша меѓу другото Ахмети во објавата.
Протест УЧК Приштина Фото: Фејсбук Ахмети
Претходно Ахмети присуствуваше и имаше свое обраќање на протестите во Тирана и во Приштина. Поддршка на протестите за УЧК во Приштина и во Тирана дојде и од еден од лидерите на Вреди Изет Меџити. Тој во објава на социјалните мрежи истакна дека „Војната на УЧК во Косово, во Прешево и во Македонија беше праведна, разумна и чиста“. На ова реагираше премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека „не може да биде разумна и праведна војната во која кукавички, од заседа, се убиени припадници на безбедносните сили“. Тогаш премиерот ги повика, како што рече, сите разумни политичари да се воздржат и да не се враќаат на теми што се затворени, да не ја следат политиката на поделби на ДУИ, туку да се фокусираат на теми од иднината.
-Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде разумна и праведна. Не може некој кој од заседа кукавички одземал животи и убивал припадници на министерствата за внатрешни работи и за одбрана, тоа не може да биде праведна и чесна војна, барем не во Мекедонија, не коментирам за соседството. Но, тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени, конкретно Законот за правична застапеност кој е во Венцијанската комсиија, тој е затворен – изјави тогаш Мицкоски.
Поранешните офицери на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети пред судот во Хаг за најмалку 98 убиства. Тие се обвинети за злосторства врз најмалку 407 приведени, извршени во 34 нелегални притвори на ОВК во Косово и Албанија. Најмалку 98 лица биле убиени од март 1998 година до септември 1999 година.
Овие злосторства се квалификувани во пет точки, како злосторства против човештвото и воени злосторства. Во привремената влада на Косово, прогласена во март 1999 година, Тачи беше премиер, Весељи беше министер за разузнавање, Селими беше министер за внатрешни работи, а Красниќи беше портпарол.
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Во вечерашната епизода на „Мамамвизија“ гостинка е нашата фолк-пејачка Зуица Лазова. Ќе ја видите секогаш ведра, полна со емоции на сцената. Таа е еден од најдобрите вокали на нашата сцена, дама со харизма, но каква мајка е? Сопруга му е на врвниот пејач Наум Петрески со кого важат за еден од најинспиративните парови на естрадата. …
Во вечерашната епизода на „Мамамвизија“ гостинка е нашата фолк-пејачка Зуица Лазова. Ќе ја видите секогаш ведра, полна со емоции на сцената. Таа е еден од најдобрите вокали на нашата сцена, дама со харизма, но каква мајка е? Сопруга му е на врвниот пејач Наум Петрески со кого важат за еден од најинспиративните парови на естрадата. …