Агенцијата за цивилно воздухопловство извршува вонреден инспекциски надзор во М-НАВ

Не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан, инцидент или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, изјави за МИА директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев, по вчерашниот инцидент во М-НАВ со упад во институцијата на напад на вработени.

Во Контролата на летање, истакнува Тунтев, работат искусни и стручни професионалци, што многу добро си ги знаат своите обврски и должности за одржување безбедно небо.

-Во врска со вчерашните случувања, инспекторите од АЦВ, во рамки на своите овластувања извршија вонреден инспекциски надзор и од областа на безбедноста и од областа на обезбедувањето на воздушниот сообраќај. Целта на ваквиот надзор е да се дојде до неопходни сознанија за евентуални недостатоци во системите за безбедност и обезбедување, кои би можеле да имаат евентуални последици врз сообраќајот и таквите последици да се отстранат, вели Тунтев и најавува дека по завршување на надзорот ќе бидат преземени сите неопходни корективни мерки и утврдена евентуална конкретна одговорност.

Во врска со вчерашниот напад врз вработени во М- НАВ, во полициска станица по налог на Основното јавно обвинителство се врши службен разговор со Б.Н., информираа денеска од Министерството за внатрешни работи.

Како што наведе МВР во соопштение по нападот, во 15:15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир, односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата).

Во соопштение доцна ноќеска МВР информираше дека со четири инволвирани лица во нападот врз вработени во М-НАВ се вршат службени разговори и оти во координација со Основното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така и дека се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица и оти наредниот период МВР континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ.

Според Јавното обвинтелство, како што информираа претпладне од прес-службата, се преземаат дејствија за расчистување на настанот, а Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи.

Нападот се случи по вчерашната прес-конференција на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, на која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.

Владата синоќа најави дека на следната седница закажана за во вторник, 9 јануари, ќе донесе одлуки поврзани со состојбата во М-НАВ, меѓу кои разрешување на целото раководство и ревизија за досегашното работење.

Контролорите на летање добија поддршка од Делегацијата на ЕУ во Македонија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот