24 ЧАСА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ, погледнете што се случува во Албанија (ФОТО+ВИДЕО)

Принтскрин

Албанија 24 часа по страшниот земјотрес со магнитуда од 5,8 степени според Рихтер и интензитет од 7,5 степени, продолжува да се тресе. Иако интензитетот на потресите е видно ослабен со магнитуда која не поминува повеќе од 2,1 степени според Рихтер, сепак од страв од нови земјотреси голем број луѓе и вечерва се најдоа надвор од нивните домови.

Некои од нив одлучиле вечерта да ја поминат во шаторите кои ги постави преку денешниот ден албанската армија внатре на стадионот во Драч, јавуваат албанските медиуми.

Попладнево се собра и Штабот за итни случаи, каде беше одлучено дел од семејствата чии домови се оштетени да бидат сместени и по студентски конвитки и социјални станови. Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај информираше дека 35 станови се целосно уништени а пак 420 други станови делумно.

Велиај соопшти дека неговата институција како почетна фаза за санирање на штетите од земјотресот ќе обезбеди 1 милион долари, 80 отсто од сумата ќе биде за погодените во главниот град, а 20 отсто за Драч.

Според сеизмологот Рапо Ормани, пренесува Тв Клан, досега се регистрирани 320 земјотреси, а од нив само денеска 103. Сеизмолозите велат дека граѓаните не треба да креваат паника бидејќи такви пос-потреси ќе има со недели.

Од друга страна по земјотресот, солидарност со албанскиот премиер Еди Рама, но и со албанскиот народ изразија многу земји, како и високи претставници на Европската Унија.

Од министерството за образование соопштија дека училиштата во Драч и Тирана утре нема да работат, како последица на земјотресот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот