19. Оф-фест: Музиката поттикнува убави емоции и во време на пандемија

Музиката на светот, особено ако доаѓа со гласот на прекрасната каталонска пејачка Силвија Перез Круз, допира до срцата на слушателите и во време на пандемија, со што се потврди благородната мисија на Оф-фест, за чија реализација организаторите велеа дека е „лудост“.

Прв концерт на годинашното есенско, место одложеното пролетно, издание на Оф-фест, фестивалот што во Скопје ја носи музиката на светот, беше соло-настапот на прекрасната пејачка Силвија Перез Круз. Таа во Скопје дојде со своите две гитари, ангелски глас, менаџер и тон-мајстор, а отсвири концерт што редуцираниот број на публика во големата сала на филхармонијата долго ќе го памети. На тој начин Силвија ги покажа и докажа сите епитети што се поврзани со неа, како еднa од најблескавите имиња на современата музичка ворлд-сцена и комплетна авторка, која сама ги пишува текстовите и ја компонира музиката.

За среќата да биде уште поголема, на концертот во Скопје, практично, се случи светската премиера на нејзиниот најнов проект „Фарса“, но таа пееше и португалски и бразилски песни, а емоциите на публиката најмногу ги погоди со многу личната и интимна изведба на „Саунд оф сајленс“.

Силвија Перез Круз ги потврди сите блескави епитети поврзани со нејзиното име

Врвниот уметнички дострел на нејзиниот концерт во Скопје воопшто не е случаен, бидејќи таа и самата настапот си го почувствувала како подарок, како остварување на невозможното, но и како остварување на нејзин сон, за што јавно му се заблагодари на Оливер Белопета при изведбата на бисот.

Состојбата предизвикана од ковид-кризата го редуцираше бројот на публиката во салата, но отвори можност преку стриминг на интернет концертот да биде проследен, според организаторите, од дури 9.000 гледачи низ Европа и светот.

Добрила и Дориан Дуо и групата „Баклава“

Следна на програмата на 19. Оф-фест е вечерта со македонски изведувачи на 7 ноември, во 19 часот. На сцената во Филхармонија ќе настапат Добрила и Дориан Дуо и групата „Баклава“.

Кајхан Калхор и Ердал Ерцинкан

На 10 ноември (вторник) истата сцена е резервирана за еден голем дует, предводен од величествениот мајстор на иранското кеменче Кајхан Калхор, добитник на Греми и актуелен носител на специјалната награда за животно дело на „Вомекс“. Овој брилијантен музичар од курдско потекло, кој се смета за клучна фигура во толкувањето на персиската музичка традиција, во Скопје ќе настапи во придружба на турскиот виртуоз на инструментот баглама, Ердал Ерцинкан.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 55, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот